За предвремените парламентарни избори на 15 јули, во Гевгелија се дислоцирани две избирачки места кои немале доволна квадратура за исполнување на здравствените мерки за безбедно гласање на граѓаните според утврдениот протокол, потврдија денеска од ОИК Гевгелија.
-Со решение од Државната изборна комисија извршивме промена на локацијата на избирачките места 0344 и 0345. Првото избирачко место (0344) кое беше сместено во зградата на Водната заедница „Повардарие“ е преместено во новиот објект на СОУ „Јосиф Јосифовски“, а второто избирачко место (0345) од објектот на подрачната единица на Агенцијата за вработување се преместува во просториите на гевгелиското Здружение на пензионери, велат од ОИК Гевгелија.
Од ОИК Гевгелија се надеваат дека навремено ги информираат и запознаваат гласачите од наведените избирачки места со дислокацијата на двете избирачки места и дека на 15 јули, додека трае гласањето, без проблем ќе се упатуваат кон новоодредените локации да го остварат своето право на глас. (МИА)