понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Дојран се подготвува за летната туристичка сезона

Дојран се подготвува за летната туристичка сезона

Покрај покаченото ниво на водата во езерото, Дојран годинава ги исполнува сите услови за рекордна туристичка сезона што беше потврдено за време на изминативе Велигденски празници кога беше тешко да се најде слободно место.

Веднаш по заминувањето на викенд гостите, општина Дојран со ангажирање на вработените од комуналното претпријатие и надлежните служби, ги почна подготовките за претстојната летна туристичка сезона.

– Почнавме уште пред Велигден со санирање на оштетената рекреативна патека од надојдената вода и тие работи уште се во тек. Паралелно со нив тече чистењето, партерното и хортикултурно уредување на централното подрачје и околу главната плажа, како и некои поситни работи околу средување на лесно оштетени улички и тротоари, вели градоначалникот Анго Ангов кој нагласи дека од страна на концесионерите активно се работи околу уредувањето на градската плажа „Реформ“ и на плажата „Фук-так“ кои моментно се попесочуваат.

Ангов напомена дека од страна на Советот на општина Дојран се чека донесувањето на програмата за доделување на урбана опрема, така што во наредната недела се очекува распишувањето тендер за издавање под наем на урбаната опрема и одредување на локациите за поставување на опремата со услови за нејзино користење од страна на концесионерите.

Најдоцна за петнаесетина дена, како што посочи Ангов, општината ќе ги распише и тендерите за издавање под концесија на пажата во Николич и на плажата „Свети Никола“ кај хотелот Гранит во населбата „Карач“.

Со преземените активности општината Дојран и туристичките работници годинава ветуваат дека максимално подготвени ќе ја дочекаат летната туристичка сезона во која се надеваат да го соборат и рекордот од 200.000 ноќевања кои беа остварени во 2016 година.