ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција на која говореше претседателот на Општинскиот комитет, Сашо Донев.
-Катастрофална е реализацијата на буџетот на општина Охрид и во овој период од годината кога станува збор остварувањето на ветените проекти пред граѓаните. До кога локалната власт на СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески планира да користи ЌЕ, заложба на општината е, реализацијата на програмата ќе придонесе за…? Имено, имаме околу 20% реализација на Програмата за изградба и реконструкција на улици и патишта, само 16% реализација на Програмата за туризам и најскромна реализација од само 10% за Програмата за локален економски развој кој всушност треба да биде моторот за економските активности во Охрид. Хаосот со сообраќајот во Охрид го отсликува тоа што ништо не е сработено, односно 0% за изработка на сообраќајна студија и 0% за изработка на сообраќајни проекти и сообраќајни решенија, потенцира Донев.
Тој додава дека граѓаните се’ уште чекаат преприклучување на водоводната мрежа и изградба на нова водоводна линија на улиците „Абас Емин“ и „Јане Сандански“.
-Зошто нема ништо од изградба на улична фекална канализација на дел од „Туристичка“ од бензинска пумпа Окта до улица „Ариф Мустафа“? Нема ништо од преприклучување на нова фекална канализација и изградба на улична фекална и атмосферска канализација на „Абас Емин“ и изградба на атмосферска канализација на улица „7 Ноември“. Реконструкцијата на улиците „Асном“ и „7 Ноември“ како ветени проекти ќе почекаат подобри времиња. СДСМ и Георгиески немаат никаква успешност во реализација на Буџетот и остварување на програмите и зацртаните активности за овој период. Со СДСМ и Георгиески охриѓани не може да очекуваат проекти за подобра иднина, истакна Донев.