среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Доцни изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Тетово

Доцни изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Тетово

Општина Тетово во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање организираше јавна дебата на тема „Изградба и реконструкција на колекторски и канализациски системи и изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Тетово“. На дебатата, претставниците на надлежните институции елаборираа зошто сè уште неизградената станицата, а експертите објаснија за влијанието врз животната средина на тој систем.

Проектот за изградба на пречистителна станица започна во 2019 година кога на просторот каде требаше да биде изградена се отстранија илјадници тони складиран смет. Тогашната локална самоуправа и Министерствата најавија дека системот треба да биде готов до 2022 година.

Според Хисен Џемаили, директор на Управата за животна средина при Министерството за животна средина оваа година треба да почне градбата на пречистителна станица.

-Ние се надеваме дека до крај на април или почеток на јуни дека ќе почне овој процес и планираме да трае три години затоа што е голем проект. Оваа станица е планирана да ги опфати населените места во полошкиот дел, урбаното место на Тетово, селата Порој, Џепчиште, Мала Речица, Голема Речица, Фалише со станица во близина на Фалише и со тоа ќе се заокружи целиот овој дел. Во иднината Министерството за животна средина и просторно планирање изготвува проекти за филтер станици и во населените места во планинскиот дел и со тоа ќе се заокружи целиот концепт на пречистителни станици во Општина Тетово, рече Хисен Џемаили.

На прашањата зошто се доцни со изградбата, тој вели дека е поради процесот на експропријација на земјиште. Допрва треба да се доградуваат и канализациски мрежи во делови од Тетово и неколкуте села затоа што имаат септички јами.

-Се работи за многу земјиште и парцели што треба да се експроприират. Имаше процес на експропријација, беше предвидено да се гради, едно време беше натрупано со отпад, требаше да се обезбедат средства да се исчисти, тоа е исчистено, почната процедура за експропријација, имаше неколку процедури и тоа беше причина што доцни реализацијата, истакна Хисен Џемаили.

Марјан Михајлов, консултант за животна средина рече дека станицата е проектирана за 95 илјади жители со можност за нејзино проширување и зголемување. Проектирана е да ги постигне граничните вредности за испуштање на пречистени отпадни води во реципиент.

-Студијата врши оценка на она што е предвидено како проект врз основа на воспоставување на основната состојба за животна средина. Ќе се земаат предвид аспектите на воздух, миризба, што е еден од карактеристичните аспекти на овој тип на проект, бучава, отпад, биодиверзитет, карактеристични аспекти кои се анализираат и како генерален заклучок е, онака што е предвидено, самиот проект за собирање и третман на отпадни води нема значително влијание врз животната средина, секако доколку се изведе онака како што е предвидено. Во рамките на оценката земено е предвид и направени се моделирања на миризба со оглед на локацијата и во однос на другите аспекти, предвидена е програма која вклучува низа на мерки заштита кои се инженерски и кои се предвидени во самиот проект, истакна Михајлов.

Старата тетовска депонија во близина која се расчистуваше во 2019 година е местото предвидено за пречистителна станица за отпадни води. Расчистувањето на депонијата се направи со финансирање од Владата на Кралството Норвешка. За градење на пречистителната станица, два колектори и нови канализациски мрежи добиени се средства од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра. (МИА)