Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, Жан Дрвошанов, на вечерашниот митинг во Струмица истакна:
Се надвиснале проблеми над нашата заедница, општина и татковина. Проблеми кои секој ги гледа. Газиме по отпад, загаден ни е воздухот, економијата ни тоне, а државата не реагира. И први тоа го видоа младите и решија да заминат насекаде во светот. Нам ни зададоа само една единствена обврска. Да создадеме иднина за Македонија, да понудиме проекти, да направиме промена, да победиме. Да најдеме решение за овие 16 години натрупани проблеми, посочи Дрвошанов.
Тој рече дека програмата на претходниот градоначалник е нереализирана, голем дел остана неостварено од сето што беше ветено, а причината зошто тој не е повторно кандидиран е неговото противење на лошите договори кои оцртале како владее оваа власт.
Дрвошанов најави детална анализа за неодговорното работење на власта во Струмица.
Мојот против кандидат Костадин Костадинов зборува за образование, а ваму местото кое што е предвидено во урабнистичкиот план за училиште ќе го правел замислете – боемска улица. Од пазарот наречен Чешел, од едно несредено место за продавачи и купувачи – сега ќе направеле боемска улица. Зборува Костадинов и за Старата чаршија, како да струмичани не се сеќаваат дека чаршијата почна да пропаѓа откако се отвори наводно најдобрата инвестиција „Глобал“. А кога веќе сме кај Глобал, да потсетиме дека до денеска нема расчистување на причините за пожарот, а тие интензивираат сликање по митинзи, критикуваше кандидатот.
Тој вели дека власта во Струмица може да се пофали само со фабриките кои се донесени од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што немаат донесено ниту една инвестиција за струмичани.
-Во деновите што следуваат вашата доверба ја бараме заради изградбата на новата булеварска инфраструктура која ќе ги поврзува граѓаните. Доверба заради изградба на современ градски пазар со можност повторно Струмица да го врати својот препознатлив изглед со своите квалитетни производи. На Струмица и е потребна заложба за модерното и извозно ориентирано земјоделско производство, потребни и се нови понуди за стопанските гранки, нови вработувања и подобар стандард за граѓаните, нови можности за културен и спортски живот, истакна Дрвошанов.
Тој вели дека еден од приоритетите е Струмица да биде еколошки чиста без диви депонии кои го загрозуваат здравјето на граѓаните.
-Мојот збор пред вас вечерва е силен и означува сигурна реализација на ветеното, сигурно решавање на проблемите. И затоа Ве повикувам да ни се придружите. Да ги посетите вашите пријатели и да ги потсетите дека на 17-ти октомври Струмица и Македонија се пред решавачки избор. На 17-ти октомври во Струмица бројот 7 да значи победа и создавање на нова иднина, посочи Жан Дрвошанов на митингот во Струмица вечерва.