Триесетина објекти и голема површина земјиште се под вода на влезот во селото Турново, во Општина Босилово, каде се излееја реките Струмица и Турија. Водата е навлезена во повеќе објекти, а целосно се поплавени фудбалскиот терен, соблекувалните, спортската сала на ФК „Турново“, објектот на Ветеринарната станица и дваесети куќи и помошни објекти.
Според Томислав Тимовски, вработен во фудбалскиот клуб, проблемот со поплавите е заради излевањето на реката Струмица.
-Реката при секои поголеми дождови се излева во атарот на Општина Босилово, на влезот во селото Турново. Голема е штетата и според нашите први проценки е на 50 илјади евра, рече Тимовски.
Градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев вели дека и покрај тоа што вчера интервенирала механизацијата на повеќе критични точки, сепак водите од реката поплавиле повеќе објекти и земјоделски површини.
-Поплавени се неколку деловни објекти и дваесетина куќи. Моментално има намалување на водостојот на реките и не очекуваме влошување. Будно ја следиме состојбата и подготвени сме да дејствуваме, рече градоначлникот Манчев.
Според него недостасува систем за редовно чистење и одржување на речните корита и одводните канали, но обилните врнежи предизвикале надоаѓање на голема количина вода која ги надминала капацититети на сливните подрачја во Општината.
Влезот во селото Турново, во Општина Босилово, веднаш до магистралниот пат што води кон граничниот премин Ново Село на македонско-бугарската граница, личи на вистинско езеро, а според жителите на Турново среќна околност е што излевањето не поминува врз магистралата, туку под неа и водата истекува од другата страна на овој патен правец. (МИА)