четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Фекални бактерии во водите на Билјанини извори!

Фекални бактерии во водите на Билјанини извори!

Водата од Билјанините извори во Охрид не смее да се пие. Центарот за јавно здравје утврди дека е полна е со патогени бактерии кои се опасни за здравјето на луѓето. Во водата се евидентирани 15 ентерококи бактерии, пишува Алсат.

„Констатирано е микробиолошко загадување, присуство на ентерококи, патогени бактерии кои согласно правилникот за безбедност на вода се штетни по здравјето на населението и таа вода не може да се користи за миење и пиење. Водата од Биљанини извори во овој период е небезбедна“, рече Сашо Точков, директор на Центар за јавно здравје Охрид.

Точков додава дека ваквата појава е присутна години наназад и тоа најчесто во овој период од годината и доцна есен, кога има поголемо количество на вода. Од врнежите од дожд и топењето на снеговите, доаѓа до поместување на подземните води и подигање на нивното ниво.

„Тој терен околу Билјанини извори особено на планината Петрино и порано било место каде имало бачила, се одгледувала стока, имало септички јами и тоа со тек на времето се таложело долу. Кога подземните води ќе стигнат до тој дел, го испираат тој слој од земјата и се рефлектира на ова загадување. Во јуни – јули се очекува водата да се стабилизира, да падне нивото на подземните води што значи дека патогените бактерии нема да бидат присутни“, додава Точков.

Од Охридскиот центар за Јавно здравје велат дека редовно ја следат состојбата на терен. Експертите пак се на мислење дека ваквата состојба е недозволива и оти мора под итно од страна на институциите да се направи нешто за да се заштитат овие познати извори. Неопходно е велат да се направи систем за одведување на отпадната вода во оние објекти и населби кои се во близина на Билјанини извори и септичките јами. Велат дека ваквата појава е резултат на негрижата не институциите годиниве наназад и непреземање на мерки.