среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

ФОТО: Востаничко Разловци сардисано од ѓубре

ФОТО: Востаничко Разловци сардисано од ѓубре

Диви депонии со комунален смет се присутни на повеќе локации покрај регионалниот пат кој што води од село Тработивиште до село Разловци и околните ендеци, а состојбата е најалармантна на влезот од селото каде покрај самиот пат во непосредна близина на куќите од селото постои огромна депонија која овде е присутна со години. Оваа своевидна селска депонија е со загрижувачки обем со можност за развој на заразни болести опасни по здравјето на жителите на Разловци, пренесува Брегалнички.мк.

До нашата редакција пристигна реакција на загрижен граѓанин со повеќе фотографии на кои е илустрирана лошата состојба со комуналниот смет во славното историско село Разловци во општина Делчево.

Дополнително на повеќе локации присутни се неколку помали депонии по течението на река Брегалница која поминува низ селото.

Развојот на овие депонии е како резултат на неадекватното справување со отпадот како од самите жители но и од надлежните институции во општината Делечво.

Јавното комунално претпријатие “Брегалница” од Делчево кое е надлежно за прибирање на комуналниот смет во селото, поради големите оперативни трошоци со оглед на одалеченоста на селото од главната градска депонија во Делчево, не поседува доволно одржлив систем за справување со оваа неповолна состојба. Тековните активности на Јавното претпријатие очигледно не се доволни за подобрување на состојбата а разловчани се оставени сами на себе за да се ослободуваат од комуналниот смет од домаќинствата и тоа го прават на штета на пошироката состојба со животната средина.

Дополнително реакцијата на комуналните инспекторски служби е несоодветна поради нивниот ограничени капацитет и оддалеченоста на селото.

Овие институционални пречки во комбинација со недоволно развиената свест за зачувување на животната средина од страна на населението допринесуваат за лошата слика во селото Разловци.

Ваквата неповолна и алармантна состојба е присутна кај сите поголеми села во делчевската општина во поголем или помал обем.

Проектот за интегрално решавање на проблемот со комуналниот смет на општина Делчево како и во целиот Источен плански регион од непознати причини се пролонгира веќе подолго време. Преку овој проект кој што се реализира преку администрацијата во Центарот за развој на Источен плански регион се очекува значително да се подобри состојбата, но неговата комплексност се чини е преголем залак за актуелните општински раководства и самиот Центар.

Се до конечно решавање на овој проблем со купиштата комунален смет во селото Разловци и покрај сите прилики, разловчани продолжуваат да одолеваат на општествените прилики кои секојдневно се надвиснуваат над нивните животи, во очекување на подобрата иднина за која се бореле нивните славни претци од Разловечкото востание.