недела, 3. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Гостиварските активисти изреволтирани, најавија десетдневна блокада на депонијата Русино

Гостиварските активисти изреволтирани, најавија десетдневна блокада на депонијата Русино

Десетдневна блокада, која ќе започне од 2 август напладне и ќе трае до 12 август на патот пред Микро гранулат Гостивар кон Русино, најавија од граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“.

Целта на блокада, како што најавуваат, е затворање и дислоцирање на ѓубриштето, за кое велат дека гори веќе два месеци, а на кое се носи ѓубрето од девет општини.

-Ѓубриштето Русино го загадува воздухот, почвата и водата во Гостивар и околината и со тоа е нарушено нашето здравје и нашето основно уставно право на чиста и здрава животна средина, велат од иницијативата.

Учесниците на протестот, најавија блокада со автомобили и трактори. Велат дека нема да дозволат само камионите со смет да се упатуваат кон ѓубриштето Русино, додека за сите други возила движењето ќе е дозволено.

Како што појаснува активист од граѓанската иницијатива за Радио МОФ, отпад на депонијата ќе биде дозволено да носи само Општина Гостивар, во периодот со конечно затворање на депонијата. Но, и за ова имаат неколку барања.

Прво, бараат да се изгаснат и санираат сите пожари во и околу Русино во најкус можен рок, да се постават камери и депонијата да се контролира 24 часа за да се идентификуваат и спречат подметнувачите на тие пожари.

Потоа, бараат да се поднесе итно барање од страна на Општина Гостивар до надлежните за санација и затворање на дивото ѓубриште, но и да се поднесе итно барање од општината до Министерството за животна средина за одредување нова локација за Регионална депонија и нејзина изградба согласно ЕУ стандардите.