Денес во Општина Прилеп на иницијатива на прилепскиот градоначалник Борче Јовчески се одржа состанок на градоначалници и пратеници од регионот на кој се разговараше за откупот на тутунот, актуелната ниска цена и проблемот со увозот на тутун од страна.
-Пред неколку денови остварив средба со здруженијата на тутунопроизводители каде што дојдовме до еден заклучок, а тоа и го остваривме со тоа што се обративме до Државниот земјоделски инспекторат да ангажира поголем број на инспектори кои што би ги посетиле секојдневно пунктовите за откуп на тутун со што би се избегнала можната манипулација. Денес на средбата освен градоначалници, се присутни и пратеници каде што дојдовме до еден предлог да се обратиме до Собранието, поточно до советот каде што би се работело на промена на законот за тутун и производи од тутун, со тоа што би се забранило увоз на надворешен тутун до оној момент додека не се откупи последниот килограм на домашниот тутун- рече градоначалникот Јовчески.
Тој изрази очекување дека ваквите измени на законот за тутун би значеле заштитита на интересите на тутунопроизводителите и нивната егизтенција. Јовчески истакна дека на состанокот за жал не присуствувале сите градоначалници од регионот во кој првенствена земјоделска гранка е производството на тутун иако биле уредно поканети.
На состанокот не присуствувале градоначалниците на Крушево и Кривогаштани.