После неодамнешното потпишување на Меморандумот за соработка, денес се одржа првиот официјален состанок на Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, градоначалникот на Корча, Сотирак Фило и градоначалникот на Кожани, Лазарос Малоутас. Главна тема на состанокот беше: Југоисточна Европа во зелена и дигитална транзиција: Предизвици, можности и акции за Регионот на Западен Балкан.
Денешниот состанок претставува успешен почеток на нова соработка, после неуспешниот обид за заедничко делување на општините од пред 20 години.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски укажа на тоа дека денес се наоѓаме во процес на транзиција од повеќе аспекти, а тоа значи процес на зелена транзиција, со зголемена, енергетска ефикасност и почиста животна средина, при тоа нудејќи им поквалитетни услуги на граѓаните, како и зголемување на мобилноста. Овој процес опфаќа повеќе аспекти, за кои ние како општина, треба да бидеме подготвени и што побргу да се направат одредени подготовки, особено во делот на надлежностите на локалната самоуправа за подготвување на овој процес.
Зелената и енергетска транзиција, мора да ја гледаме и како можност за нови работни места, посебно во ова турбулентно време кога луѓето се уплашени за својата иднина. Токму во оваа насока е насочена моменталната активност на локалната самоуправа и изготвувањето на проекти кои ќе донесат паметни решенија и зголемена енергетска ефикасност.
Градоначалникот на Општина Корча, Сотирак Фило во своето излагање даде краток осврт на својата општина како и за нивното досегашно работење при што напомена дека во нивната општина се реализирани голем број на проекти со вкупен буџет од околу 105,5 милиони евра и тоа во областа на системот за водоснабдување, потоа во изградба на канализационен систем и пречистителна станица, менаџмент со цврст отпад, реконструкција на патишта, јавни места и паркови уметност, култура.
Исто така, напомена дека е изграден иновативен центар со библиотека, технолошки хаб, центар на култура и уметност, културно наследство, автобуска станица како и мултифункционален центар за деца и спорт. На крај, градоначалникот на Корча кажа дека нивна визија е да ја направат Корча најатрактивна дестинација во регионот за туризам и иновации.
Градоначалникот на Општина Кожани г-дин Лазарос Малоутас во текот на своето излагање укажа на тоа дека имаме многу заеднички теми за соработка и се надева на натамошна успешна соработка во многу сфери од општественото живеење.
Во текот на презентацијата беа прикажани значајните инвестиции во нивната општина и тоа 75 милиони евра во централниот систем за греење потоа 49 милиони евра за интегриран менаџмент со отпад, 15 милиони евра во современа библиотека и сл. Исто така, напоменато е дека Кожани е членка на Договор за зелен град, член на Пактот на градоначалниците итн. Во Кожани е прогласена климатска вонредна состојба во јули 2021 година, а градскиот совет ја одобрил иницијативата на градоначалникот за Климатска неутрална визија и паметен град за 2030 година.
Градоначалникот во презентацијата кажа дека нивната цел е да го направат Кожани Национален хаб за одржливост и иновации.
На крај, градоначалниците договорија формирање на работни групи од трите општини кои веднаш ќе започнат на разработка на проектни идеи од повеќе области.