четврток, 14. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Граѓанскиот одбор „За здрав живот во Кочани“ ја почна постапката за референдум против хидроцентрала на Мала Река

Граѓанскиот одбор „За здрав живот во Кочани“ ја почна постапката за референдум против хидроцентрала на Мала Река

Дваесетината граѓански здруженија, кои се членки на одборот „За здрав живот во Кочани“, ја почнаа постапката за организирање општински референдум, против изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река кај браната Гратче.

Тие ја прифаќаат изјавата на министерот за животна средина, Насер Нуредини, за постигнување договор на локалната самоуправа со граѓаните во врска со ова прашање, при што не се откажуваат од заклучокот објектот да не се гради.

– Можеме само да го потврдиме ставот од последниот работен состанок на нашите здруженија, дека сме подготвени, на каков било начин, да се спротивставиме на почнувањето градежни активности за мини хидроцентралата. Сметаме дека референдумот е легитимна политичка и правна алатка, со која ќе се бориме до крај. Од денеска ангажираме тим за консултации со адвокати за сите правни аспекти, по што граѓаните ќе го кажат својот став против градбите што ја нарушуваат нашата животна средина. Ние го поддржуваме интересот на ресорното министерство за проблемот со хидроцентралата и во најскоро време ќе организираме средба со општинското раководство, со претставниците на локалните политички структури и со други надлежни органи. На тој начин, ќе го покажеме нашето единство и официјално ќе ги доставиме барањата што веќе јавно ги објавивме, истакна Зоран Тодоров, претставник од одборот „За здрав живот во Кочани“.

Додаде дека ако во меѓувреме Министерството за животна средина и другите државни институции ги почитуваат барањата на јавноста и преземат активности со кои ќе запре процедурата за мини хидроцентралата, тогаш ќе се прекине постапката за референдум. Во спротивно, граѓанските здруженија се подготвени со сила да го спречат користењето на локалниот пат до локацијата каде е планирана изградба на објектот.