вторник, 16. април 2024. Вести денес: 0
home Општини

Илиевски: Целосна и итна гасификација на Општата болница Куманово

Илиевски: Целосна и итна гасификација на Општата болница Куманово

Денеска, кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и Коалицијата одржа прес конференција пред ЈЗУ Општа Болница Куманово, каде најави целосна гасификација на оваа јавна институција, како клучен проект од Порграмата „Најдоброто за Куманово.

„Општата болница Куманово опслужува повеќе од 200.000 жители од регионот или 10% од вкупната популација во државата, а воедно се грее на мазут и фосилни горива и е еден од поголемите загадувачи. Во 2017 година менаџментот на болницата изготви проект за гасификација и го достави до Министерството за здравство. Проектите за изградба на гасна котлара и надворешен гасоводен приклучок се комплетно изработени во октомври 2017 година. Изведбата на приклучокот за болницата беше преземена обрска на Општина Куманово. Кумановскиот Сектор за внатрешни работи исто така има поднесено барање, но се чека на Општината да обезбеди приклучок и достава на гас. “- рече Илиевски.

„Ние, како Социјалдемократски Сојуз на Македонија и коалицијата, се обврзуваме ова итно да се спроведе, да не се чекаат 4 години да добиеме еколошки алтернативи за греењето, како и помали трошоци за институциите. Со алтернативни извори на финансирање ќе го спроведеме ова долгоочекувано барање на граѓаните. Веќе зборувавме дека се обврзуваме на итна и целосна гасификација на сите домаќинства во Куманово, вклучувајќи ги и индустриските зони, со што добиваме повеќе инвестиции, како и зголемена рентабилност на стопанството, со што кумановските компании ќе бидат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар. “- потенцираше тој.

Илиевски објасни дека ова ќе значи помали сметки на граѓаните, чиста животна средина и чист воздух особено во зимскиот период кога во Куманово најмногу се чувствува загаденоста. Заштедите за енергија ќе бидат зголемени и истите можат да се пренасочуваат за нови инвестиции со кои ќе се поддржат младински политики и ќе се субвенционира задржувањето на младите во Куманово.