Кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Оливер Илиевски, вечерва му ја честиташе победата на противкандидатот , актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“. Тој објави дека разликата во гласови е околу 6.000 во корист на Димитриевски.
– Во овој момент сакам да им честитам на победниците и да порачам Куманово да го управуваат добро, да инвестираат и нашата програма ќе им стои на располагање. Сакам да ве информирам дека СДСМ освои 19.470 гласа, додека независниот кандидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, има освоено 25.470 гласови. Ова се неофицијални податоци што ги добивме од нашиот изборен штаб, од сите гласачки места, кажа Илиевски на прес-конференција по вториот круг од локалните избори.
Тој се заблагодари на сите граѓани на Куманово, кои гласаа и изборниот процес да помине во фер и демократска атмосфера.
Илиевски кажа дека Димитриевски и во Советот на Општина Куманово најверојатно го има мнозинството со 17 советника, заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Aлбанците.