До следната пролет ќе започне изградбата на улици во населбата “Басарица” во Делчево. Откако претходно беше изготвена техничка документација за реализација на инфраструктурните активности во оваа населба, Општина Делчево аплицираше по повикот од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој по Мерка 322 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. Како што информираше градоначалникот Горан Трајковски проектите се веќе готови и ако навреме биде завршена потребната процедура изградбата ќе започне следната пролет.
– Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој предвидува инвестиции за изградба или реконструкција на улици во населени места во руралните средини (вклучително и атмосферска канализација и пешачки елементи) во должина до еден километар. Очекувањата се до следната пролет да се започне со овој значаен инфраструктурен зафат, што е од огромно значење за жителите на населба Басарица, информира Трајковски.
Дополни дека прироритет во рамки на овие активности е и инвестицијата за проектот за изградба на „Фeкална канализација што поминува низ дел од населба „Басарица“ и дел од постојна населба покрај Локален пат Делчево – село Киселица – село Вратиславци – Општина Делчево.
Последната активност, исто така е предвидена да се реализира преку програмата за финансиска поддршка на руралниот развој во делот на мерката инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи во населени места во рурални средини. (МИА)