понеделник, 4. март 2024. Вести денес: 0
home Општини

Коцев: Создаваме нова иднина – Изградба на нов комплекс за младите и пет нови локални патишта се дел од проектите за поубаво Зрновци

Коцев: Создаваме нова иднина – Изградба на нов комплекс за младите и пет нови локални патишта се дел од проектите за поубаво Зрновци

Во минатите години покажавме и докажавме дека само сплотени, со многу труд и пожртвуваност, можеме да ја постигнеме целта, да од општина Зрновци изградиме прекрасно место за живеење, светла дестинација за туристите и посетителите, успешна македонска приказна, преку реализирање на огромен број проекти. Успехот не е случајност. Тој е напорна работа, пожртвуваност, истрајност, учење и многу љубов кон она што го работите и создавате за својата општина за своите сограѓани, а тоа го должиме на помладите и идни генерации“, истакна Борчо Коцев, кандидат за градоначалник на општина Зрновци денес на митингот.

Коцев додаде дека програмата се состои од идеи, предлози, решенија и потреби на граѓаните од општина Зрновци.

– Во четиригодишното работење, главен акцент ќе ставиме на економијата, зголемување на економската моќ на општина Зрновци, за подобар животен стандард на сите граѓани на општина Зрновци со донесување на правилна стратегија за локален економски развој, формирање на локален економски совет, привлекување на инвеститори и реализирање на економско исплатливи капитални проекти и инвестиции во трите населени места на општината, во Видовиште, во Мородвис и во Зрновци, нагласи Коцев.

Коцев посочи дека се предвидува изградба на секундарна водоводна мрежа во село Зрновци со должина од 12 километри, изградба на зафат брана на Видовишка река во село Видовиште, изградба на зафат брана на Морошка река во село Мородвис, изградба на затворен пазар во село Зрновци. Коцев вети и изградба на нов комплекс за младите – нов детски парк со фитнес зона на отворено, алпинистички појас и стаза за ролери, се предвидува и речен туризам односно просторно уредување на река Зрновка кај место викано централа со речни базенти, елементи за рекреација. Коцев појасни дека во програмата се предводува дури и изградба на дом за стари лица во село Видовиште, изградба на прочистелна станица за отпадни води и фекална канализација во Зрновци и Видовиште.

– Посветено ќе работиме во сферата на инфраструктурата, урбанизмот, земјоделието, културата, туризмот, спортот и комуналниот развој за здрава животна средина транспарентно во сите три населени места, во село Видовиште, Мородвис и Зрновци, рече Коцев.

Коцев додаде дека ќе се изградат и асфалтираат и пет нови локални патишта и тоа:

· Нов локален од место викано Дива топола до сврзување со постоечкиот локален пат Зрновци – Виница.

· Нов локален пат Зрновци – Мородвис.

· Нов локален пат Мородвис – локалитет – Манастир „Свети Симеон“.

· Нов локален пат во село Видовиште од место викано Гумења до место викано Друм.

· Нов локален пат од село Видовиште до манастир „Свети Спас“.

– Ова е само дел од она што ќе го прочитате во програмата, а јас со тимот на советници во Советот на општина Зрновци, стручната служба вработена во локалната самоуправа и локалните институции максимално ќе се залагаме за нејзина целосна реализација, посочи Коцев.