петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Колапси и сообраќајки најчести интервенции на кумановската Итна помош

Колапси и сообраќајки најчести интервенции на кумановската Итна помош

Колапси, сообраќајки, зголемен е бројот на интервенции на кумановската Итна помош. Лекарите велат дека топлотниот бран за триесет проценти го зголеми бројот на интервенции, не вклучувајќи ги редовните за хронично болните лица.

Доктор Бленд Алиу информираше дека речиси секојдневно по неколку пати во денот интервенираат на колапси.

-Поради високата температура до 40 степени често се случува да интервенираме на колабирање. Се случува да интервенираме на колапси по неколку пати дневно на отворено, но и во затворени простории каде има фреквенција на луѓе. Често интервенираме и на сообраќајки. Поради топлото време се намалува концентрацијата, а имаме и доста зголемен метеж, тука се нашите сограѓани кои се вратија од странство. Често интервенираме на сообраќајки, што го зголемува обемот на работа, изјави доктор Алиу.

Кумановската Итна помош интервенира и на Граничниот премин Табановце. Како што изјави доктор Алиу, во последниве денови се случува и таму да интервенираат од два до три пати дневно, заради колапс поради топлото време.

Лекарите препорачуваат да не се излегува надвор во периодот од 10 до 17 часот, престојот на отворено да се сведе на минимум, да се најде можност да се оди под сенка. Граѓаните треба да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа и да се користи крем со висок заштитен фактор. Хронично болните редовно да ја користат терапијата, а генерално граѓаните да внесуваат поголема количина течност, особено вода, да консумираат лесна храна базирана на овошје и зеленчук.

Итната помош Куманово покрива огромна површина, градот Куманово со околу 100 000 жители, Козјачија и гранични премини, каде во овој период има зголемена фреквенција на патници, и автопатишта.