Денес ја имав честа заедно со јапонскиот амбасадор во земјава Н.Е. Хиронори Савада и директорот на ООУ „Блаже Конески“ Јованче Манасков да го потпишеме Договорот за грант од програмата GGP во висина од 4.395.975 денари со што ќе се реконструира кровот на училиштето, поточно ламела 2, 3 и 4.
Овој проект е аплициран во 2019 година со поддршка на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со кој раководев во тој период и огромно е задоволството сега како градоначалник на Општина Велес да се заврши отпочнатото.
Изразувам голема благодарност до јапонската влада и јапонскиот народ за поддршката кон Општина Велес во изминатите години, покажувајќи добронамерност преку донации за ЈЗУ Општа болница – Велес, ЈЗУ Здравствен дом, Противпожарната единица и оваа за ООУ „Блаже Конески“, со што досега се подобрил животот на илјадници граѓани на Велес и се надевам на продолжување и продлабочување на нашата соработка и во иднина, објави на својата Фејсбук страница градоначалникот на општина Велес Марко Колев.