Во вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24“ гостуваше градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, каде во однос на енергетската и економската криза во Битола тој посочи дека овие кризи оставиле последици врз локалната самоуправа и другите субјекти.
„Со енергетската и економската криза, Општина Битола доста осети во делот на делувањето на локалната самоуправа а и во делувањето на сите други субјекти. Големите стопанственици во Битола мака мачат да ги подмират високите цени на електрична енергија“, рече Коњановски.
Коњановски потенцираше дека уличното осветлување, делот на јавните претпријатија, односно јавното комунало претпријатије водовод во Битола се соочуваат со огромни суми за плаќање за испумување на водните пумпи. Владата мора да најде начин дали тоа ќе биде субвенционирање на долговите за да се ублажи овој удар со енергетската криза.
Тој се осврна во делот на гасификацијата и прочистителната станица каде посочи дека гасификацијата треба да се форсира а прочистителната станица е во фаза на повторно распишување.
„Гасификација и топлификација на ниво на Македонија се проекти кои треба да се форсираат бидејќи тие беа запоставени изминативе 4 години. Прочистителната станица која требаше да се изгради во Битола сега е во фаза на повторно раписшување бидејќи во време на претходната локална власт Општина Битола беше опомената дека е последен момент да се таа реализира“, кажа Коњановски.