Во последната акциска контрола на моторциклисти, учесници во сообраќајот низ полошкиот регион, откриени се 129 прекршоци. Во тетовските контролни активности бил откриен 71 прекршок, додека вкупниот број на прекршоците во Гостивар изнесувал 58. Најмногу некористење заштитна кацига, управување без возачка дозвола и истечена регистрација.
Од СВР Тетово информираат дека сите прекршоци заокружени се со соодветни прекршочни и мандатни платни налози и со глоби, кои зависно од видот на прекршокот, се движат од 50 до 500 евра. Покрај ова, поради царински прекршок, одземени се и два моторицикли, по еден во Тетово и Гостивар.
– Најголемиот број од прекршителите, исто така, ќе бидат повикани на сообраќајна поука и пред сé оние кои управувале без возачка дозвола и без потребната заштитна опрема, особено кацига, изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Јосифоски најавува, вакви или слични превентивно-контролни активности и во наредните месеци, при што посебен акцент ќе им биде ставен на најчестите прекршоци управување без дозвола и заштитна кацига. Тој потсетува дека месецов на поширокото полошко подрачје се случија неколку сообраќајни несреќи со мошне сериозни последици, во кои непосредни учесници беа моторциклисти.
Од СВР Тетово упатуваат апел до оваа категорија учесници во сообраќајот, чиј број во деновите кои претстојат ќе биде далеку поголем, задолжително да користат кациги и друга заштитна опрема, најмногу заради својата безбедност и да не седнуваат зад волан без претходно положен возачки испит.
МИА