четврток, 25. април 2024. Вести денес: 0
home Општини

Крстеска: Успешно се реализира штрајкот во училиштата и градинките во охридскиот регион

Крстеска: Успешно се реализира штрајкот во училиштата и градинките во охридскиот регион

Успешно почна штрајкот во образовните институции и во градинките во Охрид, заклучи претседателката на регионалниот одбор на СОНК за Охрид и Дебрца Катерина Крстеска.

Според неа, 90 отсто од наставниот кадар во училиштата и над 60 проценти од воспитувачките и негувателките во градинките се во штрајк.

– Штрајот почна успешно. Во некои училишта утрово се одржани по еден до два часа. Има наставници, кои не го поддржаа штрајкот, но сепак настава нема, бидејќи во некои училишта не дојдоа деца, а во некои немаше услови да се одржи наставата според бројот на присутни деца. Над 60 отсто од вработените во градинките се во штрајк, останатите од кои повеќето се административно технички персонал, не го подржаа штрајкот, појасни Крстеска.

Членството на СОНК, посочи, немало притисоци, но забележа дека дел од вработените во градинката кои не се членови, доставиле изјава дека солидарно го поддржуваат штрајкот, па со нова изјава ја повлекле одлуката, поради, за неа, непознати причини.

– Во градинката во Охрид, колешките, кои не се со решен статус не го подржаа штрајкот. Тие немаат по кој основ да се приклучат, бидејќи се со договор на дело. Дел од нив бараа да се приклучат, но може да им се прекине после штрајкот договорот и не сакавме да ги вметнеме во несакана ситуација, истакна Крстеска.

Претставникот на СОНК од општинското основно училиште „Ванчо Николески“ од селото Лескоец, Димче Донески информира дека во ова училиште иако наставниците се на своите работни места, но се во штрајк.

– Сите ја сфатија сериозноста на проблемот и сите родители не поддржаа. Им благодариме што овој пат се на страната на учителите, затоа што знаат дека учителите се мотиватори на нивните деца, кои лесно и свесно може да станат нивни ментори, нивни коучители и децата да станат успешни личности, изјави Донески.

Претставниците на СОНК од Охрид порачаа дека остануваат во штрајк до остварување на нивните барања, а тоа е изедначување на платата по сите коефициенти, по сите профили на работни места, за толку колку што се зголеми минималната плата, односно 18,4 отсто и до јануари 2024 година да има исплата на Колективниот договор по коефициентите како што е предвидено.