Две години агонија на македонските општини, вака претседателот на Комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ристески во интервју за КУРИР, ја оценува состојбата со локалната самоуправа.
Две години локална самоуправа под раководство на СДСМ. Можете ли да направите една споредба во практикувањето на власта претходно и сега?
-Најпрвин, за да правите споредба добро е да имате споредливи параметри. Во случајов можеме да зборуваме за драстичните разлики во практикувањето на власта помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните секогаш им нуди реални и остварливи програми и проекти, со прецизно утврдени рокови, кои граѓаните можат буквално да ги следат и да го подвлекуваат реализираното. Претходните програми можеби не сме ги реализирале 100%, но во најголем процент да, а исто така факт е дека се реализираа и многу други проекти надвор од програмите, кои воопшто не беа предвидени, а кои произлегуваа од потребите на граѓаните. Граѓаните добиваа реформирани општини, ја следеа реализацијата на буџетите и општините одеа напред.
СДСМ или не нуди никакви програми или настапуваат со нереални (фиктивни) проекти, односно повеќе го нудат тоа што народот сака да го слушне, отколку реално да се оствари. Така, последно од нив слушнавме многу лаги од типот: нема да се промени името, нема да има двојазичност во општините, 500 евра плата, 100.000,00 денари плата на докторите, други мегаломански проекти во општините, пониски даноци, повисоки пензии…за кои и тие самите не веруваа дека е можно да се остварат! Го излагажаа и изманипулираа народот и со едно класично политиканство доведоа до назадување на општините и државата.
Видете, не можам да речам дека и ние немавме грешки во работењето, но кој работи понекогаш и греши. И тие грешки добро е што ги препознавме и признавме пред народот и максимално ќе се потрудиме да ги отстраниме или да ги сведиме на минимум. Значи, од грешките учиме…и во праксата секогаш има две варијанти: кога работиш и грешиш, да ја признаеш грешката и да ја поправиш во интерес на народот, или варијантата да не работиш ништо и да не грешиш!
Но, оваа власт од СДСМ е своевиден феномен, ем ништо не работат ем максимално грешат, а тоа народот секојдневно го гледа и чувствува на својот грб. И затоа, прашање на време е кога ќе бидат казнети од народот!
Значи, СДСМ после локалните избори ги превзеде работите во свои раце во општините во Македонија, се сместија во удобните фотелји и со првото изгрејсонце од нивниот мандат сите ветувања, сите програми, мерки и проекти останаа само убави зборови на хартија од кои граѓаните немаат апсолутно никаква полза!
Тоа народот веќе го препознава, а резултат на сето тоа е и многу нискиот рејтинг на нивните актуелни градоначалници во општините, според сите анкети.
Како ја оценувате работата на локалните власти денес?
Повеќе би рекол неработата, затоа што очигледно е дека се нема капацитет, нема креативност, а има тотална безидејност, отсуство на квалитетни човечки ресурси кои ќе започнат да ги спроведуваат програмите, да ги реализираат проектите, да ги имплементираат мерките и конечно да започнат да ги исполнуваат ветените работи за граѓаните. За сето ова зборува катастрофално нискиот процент на реализација на капитални проекти во општините, без исклучоци.
Практично, поминаа две години во кои не само што не одиме напред, две години во кои не само што стагнираме, туку се враќаме многу-многу наназад! Зошто?! Затоа што лажењето стана синоним на власта! Затоа што не само што не се кадарни да ги унапредат претходните програми и проекти, туку тие и ги уништуваат истите!
Наследија реформирани општини, функционални јавни претпријатија, изградени спортски сали, уредени детски паркови, реновирани плоштади, уредени ТИР зони, реконструирани училишта и градинки, потпишани договори, наследија унапреден туризам….и наместо сето тоа барем да го одржат и сочуваат направеното, тие го уништија, унаказаија, уназадија…!
Сликата во сите општини е иста! Ете да го земеме Скопје за пример, како најголема општина. Што добија скопјани? Добијаа еден тотално дезориентиран градоначалник- политикант, кој место да си ја брка работата и реализира проекти во интерес на граѓаните, тој се вози со тротинет низ Скопје и се расправа со таксисти по улици….едноставно ништо од неговите ветувања и работење. Со него скопјани добијаа сомнителна продажба на Градска куќа, замена на нова за стара зграда, грејната сезона започна без ветените пониски цени, скопјани сѐ уште дишат најнечист воздух во Европа, граѓаните молат за водовод и канализација во 21 век, се уништуваат парковски површини и зеленила на секој чекор за бизнис интереси, нема суштински капитални инвестиции кои би го претвориле Скопје во современа метропола.
Нема надеж дека ќе се реализира ни половина од ветеното, се кратат средства од градскиот буџет, ги изиграа месните и урбаните заедници, ги разочараа и младите, а се откажаа и од лицата со хендикеп, ја донатрупаа и онака пренатрупаната администрација која нема кој и како да ја мотивира и истата стана совршен одраз и слика за непродуктивната власт…Жално!
Непотизмот и криминалот стануваат одлика на оваа локална власт. Денес, после полни две години од владеењето на СДСМ имаме само припишување на претходно спроведени проекти како свои, отворање на веќе отворени фабрики за кои договорите ги потпишале претходните локални власти и закочување на претходни постапки и проекти (безидејноста е очигледна), нема нови капитални инвестиции, лоша инфраструктура, младите продолжија уште помасовно да се иселуваат…или со еден збор, тргнавме „на прав пат“, но прав пат на огромна удолница, а кочници немаме!
Или ако прашате на што Ве асоцираат новите градоначалници од СДСМ покрај неработата и непотизмот, асоцијацијата е шверц на цигари, барање пари за вработување, тепање странки во кабинет, отворени закани по граѓани и фирми, сомнителни тендери и ред други девијантни појави, кои за жал засега остануваат недопрени од Законот!
Што вие би понудиле доколку повторно граѓаните ви ја дадат довербата?
Како и секогаш, така и сега, за ВМРО-ДПМНЕ граѓаните се на прво место и тие добро се сеќаваат како зборовите се преточуваа во дела и како се исполнуваа ветувањата. ВМРО-ДПМНЕ секогаш наоѓа начин и време, односно како и кога да ги сослуша граѓаните. Токму затоа, во тек се разговорите за обнова на Македонија кои се одвиваат во сите општини во државата.
Свесни сме дека без работа на терен и без присуство помеѓу народот – нема победа. За сите одговори кои не ги знаеме, ќе го прашаме народот затоа што знаеме дека народот секогаш ги има вистинските одговори. Од тие причини, во моментов сите ние сме мрежа од активисти кои знаат да постават прашања, да ги разберат одговорите, да ги преточат во политички став и од тој став да ја градат и надградуваат партиската политика и програма.
Притоа, на граѓаните и гласачите им пристапуваме како кон извор на информации и партнери, го цениме и го испитуваме јавното мислење за да дознаеме што мисли народот и кои проекти, програми и активности ги сака. Ги уважуваме сите граѓани и гласачи и им даваме до знаење дека тие се субјекти во политичкиот живот во иста мерка како и ние и така ги третираме, а не само како некој кој треба да го заокружи бројот на гласачкото ливче. На тој начин нашиот народ, сите ние заедно стануваме дел од проектот „Обнова на Македонија” кој ќе значи: достоинство, гордост, развој и просперитет на државата.
Како партија произлезена од народот, партиската програма ќе се базира токму на тоа, на потребите на граѓаните, но комбинирана и со модерните пракси од Европските држави, како и со уникатни и креативни новитети кои ќе понудат поквалитетен живот за сите во Македонија.
Значи, новата програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди реално остварливи и модерни решенија кои веќе се разработуваат на партиско ниво и на ниво на Комисии и експерти од разни области. Програмата ќе биде во контекст на трансформација на општините во модерни, брзи, ефикасни и пред сè транспарентни општини кои ќе работат по европски стандарди во интерес на граѓаните на Македонија.
Настрана од локалната власт, во која насока ќе се движи ВМРО-ДПМНЕ за повторно да се врати на врвот на политичката сцена?
Ние континуирано работиме за зајакнување на партиската инфраструктура, а тоа го правиме со взаемна доверба, искреност и чесност. Заради тоа, сите сили кои се конструктивни и кои сакаат да помогнат во тоа да стоиме исправено, ни се неопходни и добредојдени. Ние ќе ги прифатиме сите граѓани кои сакаат да го дадат својот придонес за партијата и земјата. Сметаме дека со такви политики уште долги години ќе бидеме политички фактор во државата и пошироко.
Во сите трки кои ни претстојат, ќе подзапираме за да се запрашаме каде одиме? Не само дали брзо трчаме, не дали трошиме енергија, туку дали знаеме кон која цел сакаме да стигнеме! Нашата визија ќе биде производ од вимателно размислување, одговорни дискусии и расправи, како и цврсто определување дека за она што ќе го сметаме за правилно, ќе бидеме подготвени да се жртвуваме себеси – својата енергија, своето време…
Исто така, многу е важно своите проблеми да ги решаваме меѓусебно. Проблеми сме имале, имаме и секогаш ќе ги имаме – проблеми има секоја партија. Мораме постојано да го уверуваме и да му докажуваме на народот дека одиме напред, бидејќи ако народот не верува во тоа, ако народот вели дека сè е исто, па дури и дека претходно било подобро – тоа не е добра отскочна даска за скоковите кои сакаме да ги постигнеме во иднина. Ќе се трудиме квалитетот да оди напред, да се искористи креативниот потенцијал на луѓето, да има конкуренција која ќе вроди со плод, позитивна енергија и резултати..
Заради тоа, ќе ставиме акцент на две работи – прво, ВМРО-ДПМНЕ да стане апсорбер на креативност, идеи и позитивна енергија. И второ – ВМРО-ДПМНЕ да биде мотор за модернизација на нашето општество, така што преку разновидни трибини, предавања и работилници ќе го подигнува степенот на знаење, квалификациите, стручноста и ефикасноста во општеството на сите нивоа.
Сигурни сме дака во нашата земја и надвор од неа постојат многу успешни наши луѓе, со големо искуство и знаење, кои имаат во себе младешки елан и желба за работа и докажување. Треба да го искористиме овој потенцијал!
Интересот на Македонија мора секогаш да биде над личниот и партискиот. Заврши времето на продажба на националното за сметка на личните бенифиции на поединци. Ние сакаме и можеме да ја вратиме државата на вистинскиот колосек и да направиме подобро место за живеење за сите. Шансата доаѓа – шансата се предвремените парламентарни избори!
К.Б.