После два дена од палењето на депонијата, пожарот не е изгаснат и како резултат на тоа се уште имаме емисија на канцерогени гасови кои ги трујат битолчани и околните населени места. Мегленци за Битола очигледно е новиот проект на Наташа Петровска, заменик министерот Јани Макрадули и директорот на јавното претпријатие „Комуналец“, Панде Богоевски.
Ова денеска на прес-конференција го изјави Олга Лoзановска од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, додавајќи дека по дводневната посета на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули пред очите на битолската јавност биле изнесени низа на лаги и невистини во врска со, како што рече, нивните лажни заложби за почист воздух во Битола.
– Без ниту малку почит кон Битолчани, заменик министерот и Наташа Петровска вината за загадувањето ја лоцираа во оние кои им ја дадоа поддршката на последните локални избори велејќи дека граѓаните се тие кои најмногу допринесуваат за лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во градот. Вистината е следна. Депонијата најверојатно беше запалена од лица кои се неовластено присутни во и околу неа и во периодот наназад од истата постојано има емисии на штетни канцерогени гасови. Таа е еколошка бомба доколку навреме не се изгасне пожарот, а тој не се гаси со вода, задолжително е тековно насипување со земја, истакна Лoзановска.
Посочува дека ова што денес се гледа е доказ за неспособноста, незнаењето и несовесното работење на директорот на јавното претпријатие „Комуналец“ и Наташа Петровска.
– Во само шест месеци директорот на јавното претпријатие „Комуналец“ и Наташа Петровска нанесоа огромна штета на претпријатието и граѓаните. Уништија близу илјада зимзелени садници од лажниот проект на Наташа Петровска за трите илјади садници го задолжија претпријатието со 20 милиони денари кредит, а со несовесното управување со депонијата прават секојдневна штета врз здравјето на граѓаните. Поради истите овие причини време е директорот на јавното претпријатие „Комуналец“ да си поднесе оставка, а Наташа Петровска да преземе итни мерки за решавање на проблемот, потенцира Лoзановска.