Над 1000 маски, повеќе од 10.000 посетители од земјава и странство и само една порака „Среќна и бериќетна Нова година“. Вевчани два дена наликуваше на отворена театарска сцена.
Програмата започна на 12-ти јануари, со настапи на Влатко Лозаноски, Eye Cue, Brass Brothers и Dj Todoroff до доцна во ноќта, а наредниот ден, на 13-ти јануари започна главното дефиле на маските низ улиците на Вевчани.
Можеа да се видат невестата, младоженецот и Глупи Август како ја предводат поворката од рекордниот број на маски во последните неколку години. Глупи Август со карактеристични извици и потези ги избркаа злите духови и го отвори патот за дочекот на Православна Нова Година на полноќ.
Вечерта македонскиот мелос ги развесели вевчанци. Дамјан Стојаноски, Татијана Стефановска и дувачкиот оркестар Веселата дружина ги дигнаа на нозе присутните и со спектакуларен огномет организиран од општина Вевчани ја дочекаа новата година.
Традиционално, како и секоја година, Вевчанскиот карневал завршува со василичарското оро и палење на маските на двете василичарски друштва, Горна и Долна маала. Со палењето на маските вевчанци веруваат дека го избркале злото и ќе имаат среќна и бериќетна година.
Подготовките за следната година вевчанци ги започнуваат уште утре. 365 дена велат се доволни за во 24 часа да се претстават актуелните случувања во државата и светот на сатиричен начин преку упатување на силни пораки кон општеството и политичарите.