Како се живее денеска во Куманово? Многу лошо за жал. Навистина многу лошо се живее во Куманово. Куманово се гуши во ѓубре. Куманово има течна депонија наместо река. Куманово има импровизирани мостови кои се најверојатно од некоја метална ограда. Куманово нема кино. Куманово нема пристојна зграда за театар. Куманово за младите нема скејт парк, нема дискотека. Навистина е жално да еден таков град од околу 130.000 жители, прв до границата да изгледа така како што изгледа, а изгледа многу лошо, истакна Тони Михајловски, кандидат за градоначалник на општина Куманово од ВМРО-ДПМНЕ, во гостување во емисија на МРТВ.
Михајловски додаде дека ниту една програма досега што е понудена од страна на локалната власт не се реализирани. Тие програми што се понудени од страна на СДСМ донесоа само огромни порази на Куманово. Програмата е ништо доколку не се реализира ветеното.
„А, ние нудиме една програма која што ќе се изреализира овој пат, и која навистина и Куманово ќе го помести од една мртва точка“, нагласи Михајловски.
Михајловски посочи дека тој не е од оние политичари кои многу зборуваат и ветуваат, а ништо не прават.
„Јас имам намера својата програма да ја реализирам не за четири туку за 2 до 3 години. А, едната година да ни остане бонус за реализирање на нови проекти кои му се потребни на Куманово“, рече Михајловски.
Михајловски додаде дека кога тој ќе стане градоначалник сите патишта ќе водат во Куманово, а не како сега што водат надвор од Куманово.