понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Можеше ли да се спречи трагедијата во Велес во која загинаа три деца?

Можеше ли да се спречи трагедијата во Велес во која загинаа три деца?

Во пожар на куќа на улица „Даре Џамбаз“ б.б кај последните куќи под ридот Вршник во високиот дел на Велес попладнево во пожар на куќе изгореа три малолетни деца на една, две и четири години.

Според информацијата од СВР Велес пожарот бил пријавен после 16 часот. На местото на пожарот веднаш излегле противпожарната единица, екипа на СВР Велес и лекарска екипа на Брза помош.

-Кога стигнале помошта децата кои биле сами во куќата веќе биле изгорени и за жал немало можност да бидат спасени. Кога избувнал пожарот децата биле сами и заклучени во куќата. Нивните родители ги заклучиле дома и излегле да пазаруваат во продавница, појасни Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес за МИА.

Полицијата врши истрага за причината на пожарот и за оваа семејна трагедија која ги потресе граѓаните на Велес.

Во јавноста гласно се поставува прашањето дали оваа трагедија можеше да се избегне и да не дојде до ваков епилог, доколку се почитуваа нормативите кои се пропишани според законите во Македонија, што во овој случај не е така.

Имено, во текот на месец март, во еден ден отпуштени беа осум пожарникари од противпожарната единица во Велес. Сега пак, само 16 пожарникари ја чуваат од пожари територијата на три општини, Велес, Градско и Чашка. Тие треба да работат во три смени седум дена во неделата.

Според законите за територијата на овие три општини треба да има 40 пожарникари, а сега ги има 24 помалку. Нормативот вели дека на секој 1.500 жители треба да има по еден пожарникар.

Токму поради овие факти се поставува прашањето дали оваа трагедија можеше да биде спречена доколку бројот на пожарникари за предвидената територија беше според нормативите.

Реакции имаше и на социјалните мрежи. И таму се поставува истото прашање дали можеше да биде спречена оваа трагедија. Тие поставуваат и прашања до градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

-Градоначалник ќе спиеш ли мирно, на ова предупредувам од 01.04.2018 година кога не напушти, дека во Велес ќе се случи нешто страшно и се случи. Згаснаа три млади животи кои не знаат за партија. Најавуваше нови примања, ги нема, обновување и поправка на опремата и таа ја нема, наместо татко на градот испадна очув на градот. Ова го пишувам јавно за доушниците што те информираат постојано, да ти го пренесат, се вели во пост на Фејсбук.

И еден пожарникар во групата НСПМ- Независен синдикат на пожарникарите на Македонија, објавувајќи ја веста за трагичниот настан со напиша: „Што да напишеш после ваква вест е бесцелно… Тажно многу тажно“.

-Го цитирам градоначалникот на Велес, дека нема да дозволи плати на пожарникарите да им исплаќа од основниот буџет, бидејќи таа обврска со децентрализацијата е на централната власт…. Па добро дали новинарите го прочитале Законот за локална самоуправа, член 22: Општините се надлежни за вршење на следниве работи во став 11, кој гласи: „Противпожарната заштита ја вршат територијалните противпожарни единици“. Па добро дали ќе се јави некој новинар кој ќе праша било кој градоначалник како ќе им обезбеди заштита на своите граѓани ако не сака да инвестира ни денар во ПП заштита…. Велес е еден од градовите кои за брзо не ќе можат да одговорат на предизвиците кои ги носи нашата работа, а за заштита на граѓаните да не ни споменувам, пишува во коментарот.