Во ова кратко време успеав да воспоставам динамика во работата, да ги елеминирам непотребните трошоци и заштедените финансии да ги пренасочам директно кон потребите на граѓаните, односно кон најмладите, кон учениците, социјално загрозените и лицата со инвалидност, вели градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков на денешниот регионален отчет за градоначалниците од Вардарскиот плански регион организиран во Велес, насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Посочи дека вложува максимални напори за решавање на проблемите и потребите на локалното население, при што додаде дека во општина Градско децата и учениците се приоритет број еден, за што заедно со Советот и вработените обезбедиле бесплатна градинка за секое дете, бесплатен оброк за учениците од прво до петто одделение како и стипендии за првенците основци, средношколци и студенти.
-Она за што сум посебно горд и за кој што сметам дека сме единствени во Република Македонија кои што го ветивме во нашата програма и го реализиравме, а тоа е, од први јануари оваа година во Општина Градско има бесплатна градинка за секое дете. Нас децата ќе ни бидат приоритет број еден, децата ќе бидат на прво место во овој мандат, во овие четири години. Со помош на Советот и со помош на вработените во општината обезбедивме финансиски средства, од први септември наредната учебна година 2022-2023 да има бесплатен оброк за секое дете, односно за секој ученик од прво до петто одделение, а потоа истата мерка да ја зголемиме за сите ученици во Општина Градско од прво до деветто одделение. За децата да ни бидат приоритет број еден и на прво место, обезбедивме финансиски средства за стипендирање на еден основец, еден средношколец и еден студент, односно најдобрите во Општина Градско. Тоа така ќе биде и во наредните четири години, рече Нацков.
Посочи дека во овој период, успеале да реализираат и две песплатни екскурзии, една по барање на жителите на општината и една бесплатна екскурзија која што ќе следува за пензионерите, додавајќи дека има ветено и ќе реализира бесплатни екскурзии за пензионерите во општина Градско во текот на целата година. Нацков исткна дека почна со решавање на еден од сериозните проблеми со кои се соочуваа жителите во општината, а тоа изградба на капела која во најкус можен рок ќе биде пуштена во употреба.
Во делот на инфраструктурата, Нацков ги наброја многуте улици кои се реконструирани и веќе пуштени во употреба, како и изготвените документации и обезбедените финансиски средства за изградба и реконструкција на неколку улици и патни правци кои се од особено значење за жителите на општина Градско.
-Конечно се заврши работата на улица Илинденска, која што беше во должина од 310 метри, со која што самата општина беше блокирана подолг временски период. Се заврши во целост изградбата на улица Панко Брашнаров со атмосферска канализација, поставени се бекатон коцки на крајот на улицата, направено е темпонирање, од пред неколку дена извршено е и асфалтирање во тој дел каде што беше предвидено. Во фаза на реализација и реконструкција на дел од локалниот пат Градско – село Подлест во должина од 140 метри. Потоа, обезбедени се средства преку Вардарски плански регион, за изградба на еден километар делница од село Чичево до манастир Цв. Архангел Михаил, најзначајното и најбитното светилиште во нашата општина. Во овој момент се реализира тампонирање на пристапен пат до земјоделски површини во село Виничани во должина од 900 метри. Во фаза на реализација е улицата Јане Сандански или кај нас попознато, уливата која што треба да го спои Градско со населбата Стопанство во должина од 817 метри. Во овој момент се отвараат понудите, таа на пролет ќе биде реализирана со пари од Светска банка. Потоа, во фаза на реализација и проектот за реконструкција на локалниот пат село Виничани од регионалниот пат до влезот на селото во должина од 1100 метри, проектот е исто така во фаза на отварање на понудите, финансисран од Светска банка, истакна Нацков.
Додаде дека во фаза на реализација е и проектот за подобрување на водоснабдувањето во Градско со питка вода за пиење со два цевководи, во вредност од 210 илјади евра, проектот кој го завршивме целосно во делот на прибирање на сите дозволи кои што ни беа потребни во овој петриод, за кој сега следува тендерирање.