Претставници на кавадаречката полиција денеска на најмладите им ги презентираа возилата со првенство на минување. Станува збор за превозните средства на полицијата, Итната медицинска помош и Противпожарната служба.
Настанот беше во рамки на превентивните активности под мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, како и одбележувањето на деновите на полицијата.
– Целта е најмладите учесници во сообраќајот, дечињата од градинките, да се запознаат со работата на овие служби и да ги утврдат своите знаења од оваа област. Многу е важно што тие уште од најмала возраст ги знаат телефонските броеви на кои можат да побараат помош во несакани ситуации, нагласи Димитар Каракулев, самостоен инспектор за превенција.
Дечињата имаа можност и да влезат во возилата со првенство на минување, за и практично да видат како тие функционираат.