петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Невработеноста во Гостивар се зголемува

Невработеноста во Гостивар се зголемува

Поради пандемијата невработеноста во Македонија во изминатите неколку месеци е зголемена за над 40.000 лица. Последиците од корона вирусот директно ги почуствуваа и жителите на Гостивар. Бројката на невработени во Гостиварско во изминатите неколку месеци е двојно зголемена.

Над 10.000 лица се наоѓаат на списокот на невработени во агенцијата за вработување во Гостивар. Бројот на активни баратели на работа во почетокот на годината бил 6.800, а во септември таа бројка достигнала над 10.000 лица. Дел од лицата ја загубиле работата по прогласувањето на пандемијата.

Според направените анализи во Агенцијата за вработување најпогодени од финансиската криза предизвикана од пандемијата во Гостивар се хотелско – угостителскиот сектор и текстилниот сектор.

Хотелско – угостителскиот сектор е погоден поради неколку работи. Забраната за организирање на свадби и други прослави во угостителски објекти која се уште трае, директно ги погоди хотелско – угостителскиот сектор и останатите сектори кои што се врзуваат околу него.

Кога станува збор за текстилната индустрија, истата има намален обем на порачки што ги принуди и некои конфекционери да стават клуч на погоните, а поголемиот дел се одлучија постепено да го намалуваат бројот на вработени. Претставниците од текстилни компании велат дека во моментов е многу тешко во овој сектор и прогнозираат дека намалувањето на работниците ќе биде од 20, а некаде и до 50 проценти.

Претставниците на текстилната индустрија, како и хотелско- угостителскиот сектор во Гостивар бараат брзи мерки за поддршка од државата за да ги задржат своите вработени. Малите и средните претпријатија исто така барат поддршка од државата за да не бидат приморани да стават клуч на компаниите.