Годинашново издание на Струмичкиот карневал ќе се одржи од 22 февруари до 1 март. Организациониот одбор ја објави програмата, а карневалот ќе почне со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите.
Веднаш потоа е закажана изложба на карневалски маски на СОУ „Никола Карев“, а наредниот ден е резервиран за Концертот под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, како и за објавување на резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.
В петок, на 24 февруари, треба да се одржи традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат Интернационалната карневалска поворка на главната карневалска вечер ( 25 февруари 18,30 ч.).
Празникот Прочка ( 26 февруари, недела) е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.
На Чист Понеделник (27 февруари) карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.
Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер.
Карневалот завршува на 1 март со организирање Тримерски ручек и настап на Распеани струмичани, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на карневалистите.