Почитувани од СДС, На вашите лаги, лицемерие и ситни спинови им нема крај… Сепак, во прилог на вистината, зборуваат видливите факти и бројките кои нив дополнително ги потврдуваат. Со реализација од 75% од буџетот на Општина Битола, 2022 година ќе биде запаметена како најуспешна година во делот на паметното и прецизно реализирање на средствата предвидени со буџетот. Потврда за развојниот буџет на општина Битола, се капиталните инвестиции во инфраструктурата со близу 300 000 000 денари исплатени средства или над 72% реализација, велат од ВМРО-ДПМНЕ- Битола.
-Ваква реализација на капиталните инвестици во буџетот за изминатите 4 години не била забележана, а истата во тој период се движела од 23% до најмногу 58% во изборната година.
Не мора да сте економист или математичар, доволно е да застанете и да ги прочитате кварталните извештаи, пред Вашата весела математика неточно да пресмета, дека ова се средства само за 11 километри асфалт, онолку колку Вие поставивте за 4 години, а оваа локална самоуправа, толкава должина асфалтираше уште во првата година.
Покрај асфалтирањето, дел од капиталните инвестиции во вредност од 300 000 000 денари или 72% реализација се и улиците во АРМ, канализациони мрежи како онаа во Брусник која е во финална фаза, на улица Стара Чешма, санирање, рехабилитација и уредување на улици со бекатон плочки, гребен асфалт, тампон, санирање на ударни дупки на улиците кои претходно не ги допревте, инвестиции за трите нови детски паркови, за активностите на паркот во Нова Битола…и ДА! За исплаќање на обврските од над 2 милиони евра, оставени од раководството на СДС заклучно со 10 ноември, денот кога неуспешното раководење на СДС со Битола, стана минато.
За жал, денес, живееме и со предизвиканата енергетска криза од страна на неспособната влада на СДС, па Општина Битола само за првите 6 месеци исплати над 1 милион евра за електрична енергија, наспроти 100 000 евра колку се исплатувале просечно изминатите години.
Во сите овие делувања, локалната самоуправа предводена од ВМРО ДПМНЕ, со 2,89% од планираниот општински буџет, продолжува со грижа за традицијата, уметноста, културата и богатото културно наследство, целосно заборавено од сите нивоа на претходната власт.
Перјаниците на локалната СДС, иако постојано присутни во првите редови на културните настани поддржани или организирани од Општина Битола, крајно лицемерно критикуваат за средствата вложени во оваа област.
Разочарувачки е фактот што со тоа ги манипулирате граѓаните, но Вашето присуство на настаните, сепак потврдува дека општината го прави вистинскиот избор во културата, затоа што, за разлика од блиското минато, сега се распишуваат повици, апликациите комисиски се разгледуваат од стручни лица во областите и на тој начин се носат одлуки, но најважно, во целиот тој процес, клучна е комуникацијата со јавноста.
За да се зајакни транспарентноста на буџетското планирање, општината објави повик за поддршка во реализација на културни настани за 2023 година, а направена е и анкета за битолското културно лето, на која над 90 % од испитаниците позитивно се изјаснија за квалитетот и содржините на Битфест 2022 година.
Перјаниците на СДС, доколку имаат аргументи, јавно нека ги изнесат причините поради кои во Битола не треба да има уметност и култура, дека општината не смее да поддржува, помага и организира културни настани во градот на Браќата Манаки, првите сниматели на Балканот, Кирил Македонски, композиторот на првата македонска опера “Гоце”, Ајри Демировски, авторот на Битола мој роден крај, Јонче Христовски, авторот на Македонско девојче, Виолета Томовска, Владимир Костов, авторот на Свадбата на Мара, претстава победник на Стерино позорје во 70 тите години кога почна подемот на Битолскиот театар, Горан Стефановски, кој е роден во Битола, автор на култните Диво Месо и Црна Дупка, Ацо и Димче Стефановски…
Почитувани од СДС, културата не познава партиска определба.
За среќа, мала група од Вас, сега не ја носат одлуката дали културата во Битола, треба да продолжи да се негува. За тоа се прашуваат граѓаните, истите тие кои Ве казнија на последните локални избори, а тоа ќе го сторат и на парламентарните.
Битола се сака со дела, не со празни зборови и лаги во кои и самите не верувате.