вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Општина Карбинци обезбеди проектна документација за доизградба на градинката „Кокичиња“

Општина Карбинци обезбеди проектна документација за доизградба на градинката „Кокичиња“
илустрација

Општина Карбинци со доградба на градинката „Кокичиња“ во село Таринци ќе го решава проблемот со долгата листа на чекање за прием на деца. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека капацитетот на градинката „Кокичиња“ двојно ќе се зголеми. Посочува дека проектната документација е обезбедена од страна на општината, а проектот ќе се реализира со финансиска поддршка од ресорното Министерство за труд и социјална политика.

-Општина Карбинци заедно со Детската градинка „Кокичиња“ обезбедивме целосна проектна документација за доградба на Детската градинка со тоа што ќе успееме да ја доградиме со дополнителен капацитет од 50 нови дечиња коишто ќе имаат можност да бидат запишани. Досегашниот капацитет е премал, се работи за поголема листа на чекање која што во следниов период ќе биде и минато. Проектот е обезбеден од страна на Општина Карбинци заедно со Министерството за труд и социјална политика се обезбедени 14.400.000 денари со што доградбата ќе започне во периодов којшто следи, вели Паунов.

За слободните 50 места се пријавуваа околу 70 дечиња, поради што, според градоначалникот, доградбата е реална потреба.

-Учеството ќе го знаеме по завршување на јавната набавка и склучувањето на договорите. Општина Карбинци ќе учествува во делот на адаптација на просториите и набавка на опремата којашто ќе биде потребна во самите простории, вели Паунов.

Детската градинка „Кокичиња“ почна да се гради во 2014 година, а свечено беше пуштена во употреба веќе следната година.