недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Општина Кавадарци го продолжи рокот по јавниот повик за предлог-проекти по приоритетни области

Општина Кавадарци го продолжи рокот по јавниот повик за предлог-проекти по приоритетни области

Општина Кавадарци го продолжи рокот по јавниот повик за прибирање предлог проекти по приоритетни области. Наместо до седми, сите заинтересирани невладини организации, ќе може да аплицираат до 18 април, со проекти што ќе се финансираат од општинскиот буџет.

Од локалната самоуправа посочија дека продолжувањето на рокот е по барање на невладините организации, со чиишто претставници градоначалникот Митко Јанчев, се сретна пред неколку дена.

Како што потсетија од општината, проектите ќе се финансираат со финансиски средства од по педесет до триста илјади денари, со кофинансирање од невладините организации со 10 отсто од тие средства. Вкупниот буџет за поддршка на активностите на невладините организации по овој повик изнесува околу два милиони денари, а вкупниот буџет за оваа година е околу пет милиони денари.

Општина Кавадарци објави јавен повик за прибирање предлог проекти по приоритетните области, родова еднаквост и човекови права, негување на културата и културното наследство, младински иницијативи и вработување, социјална инклузија, заштита и спасување на животна средина, грижа за животните, од програмата G1, поддршка на ЛЕР, од буџетот на општината Кавадарци, за 2023 година.

– Проектите мора да бидат иновативни, реално остварливи, со индикатори за успех и потврдени резултати, што во иднина ќе гарантираат одржливост, пишува, меѓу другото, во јавниот повик. Во општината се регистрирани околу две илјади, а активни се околу 40 невладини организации. (МИА)