сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Отчет за првите 100 дена од мандатот на градоначалникот на Ранковце, Борче Спасовски

Отчет за првите 100 дена од мандатот на градоначалникот на Ранковце, Борче Спасовски

Градоначалникот на општина Ранковце, Борче Спасовски даде отчет за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат.

Во продолжение интегрален текст од отчетот на градоначалникот Спасовски:

Почитувани,

Членови на Советот, претставници на општинската администрација, претставници на јавното комунално претпријатие, претставници на општинското основно училиште, претставници на Територијалната противпожарна единица Ранковце, претставници на Министерство за внатрешни работи, претставници на бизнис секторот, почитувани граѓани на Општина Ранковце.

Изминаа првите 100 дена од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Ранковце, 100 дена исполнети со одговорност, посветеност и желба да се направи нешто повеќе за своите сограѓани.

Па во суштина луѓето се разликуваат токму по тоа. Колку се одговорни и колку се работливи, колку се професионални и колку знаат да се носат и да бидат посветени на она што го работат.

Јас сметам дека се нафатив на оваа функција токму од тие причини, што за себе сметам дека ги поседувам, барем дел од тие квалитети коишто ги спомнав, а генерално се раководам од мотото дека Општината и Градоначалникот како функција секогаш треба да бидат во функција на развојот на општината, на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во општината.

Колку сум јас задоволен, лично, најмалку е важно. Во моментов најважно е колку се граѓаните задоволни барем од она што го сработивме во изминативе 100 дена. Мислам дека со проектите кои што ги реализираме, со оние проекти кои веќе ги реализиравме во овој кус временски период, граѓаните треба да се задоволни, меѓутоа тоа ќе треба тие најдобро да го кажат и да судат за сработеното.

И не само за она што го сработивме во изминатите 100 дена туку и со повеќе други проекти кои ги започнавме и коишто се во тек, граѓаните, наскоро, ќе можат да почувствуваат подобрување на квалитетот на нивното живеење.

Општината ја затекнав со долг од приближно 3.000.000 денари кон доверители по основ на набавени стоки и извршени услуги. Во изминатите 100 дена она што го променив во функционирањето на Општина Ранковце во поглед на приходите и расходите е сведување на непродуктивните расходи на минимум и зголемување на приходите пред се од локални даноци и такси за да со домаќинско работење го забрзаме локалниот економски развој на општината.

Досега се започнати и реализирани следниве проекти:

-Изградба на дел од канализација во с.Љубинци, во должина од 711 метри;

-Изградба на дел од локален пат с.Герман, во должина од 887 метри;

-Реконструкција на ООУ Христијан Тодоровски Карпош, с.Радибуш;

-Заврши изградбата на дел од локален пат с.Радибуш – маала Којкарци, во должина од 500 метри;

-Започна првата фаза од изградбата на водоснабдителниот систем за населено место Псача, инвестицијата во вкупна вредност од 30.123.838,00 денари;

-Обезбедив финансиски средства за Изградба на улица во село Ранковце – крак 1, за кој е во тек спроведување на постапка за доделување на договор за јавна набавка,

-За поставување на урбана опрема и реквизити на детско игралиште во село Ранковце;

– За изградба на локален пат во село Ветуница-Стојкова Маала, во должина од 440 метри, Изградба на дел од улица во село Ранковце (Десетак-Млин), во должина 450метри, Изградба на дел од локален пат во село Радибуш-Маала Којкарци, во должина од 480метри;

– и одобрен проект од УНДП, за меѓу општинска соработка со општина Крива Паланка, обезбедена техничка опрема за Територијалните противпожарни единици од Крива Паланка и Ранковце.

Во овие 100 дена се одржаа 5 седници на Советот на Општина Ранковце, одлуките на Советот во Општина Ранковце се носат еднгласно. Тоа најдобро зборува дека политичка обоеност нема, дека она што е во интерес на граѓаните, она што е во интерес на Општината, она што е во интерес на подобрувањето на квалитетот на живеењето на граѓаните на Општина Ранковце, секогаш и секаде ќе биде прифатено.

Гледајќи како се одвиваат овие седници на Советот на Општина Ранковце, јас мислам дека добрата соработка ќе продолжи.

Ние секогаш сме отворени, подготвени за конструктивни идеи, за конструктивни предлози што сметам дека тоа го прифаќа и опозицијата, односно советниците кои доаѓаат од опозицијата и сметам дека секој конструктивен предлог ќе биде прифатен и од Советот и од мене како градоначалник и ќе биде подржан, бидејќи интересите на граѓаните и квалитетот на нивното живеење и сето она што ја чини севкупната атмосфера во Општината не признава партии, не признава бои, не признава религии, туку напротив, дупките на патиштата, неосветлените улици, нерешените комунални проблеми секојдневно се соочуваме сите подеднакво. И токму решавањето на тие проблеми ќе биде подеднакво за сите граѓани во Општина Ранковце.