Месната заедница од село Луковица повторно алармира дека десетина дена нивните жителите се соочуваат со непрооден пат кој не е исчистен од снег од страна на нивната општина Желино. Станува збор за снежни врнежи кои се од 2 и 7 февруари, а според мештаните создадена е покривка која на одредени места поради навеви достигнува и до метар.
Тие бараат да се исчисти патот од месноста Крстец до Луковица во должина од 5,5 километри.
-Патот не е прооден. Денес разговарав со директорот на ЈКП Желино кажа дека ќе биде. Ќе го исчистат. Извршив контакт со градоначалникот кој кажа дека не знае ништо, ќе разговарал и ќе прател возило. Сакам да кажем дека најмногу не иритира локалниот пат од Групчин до Седларево, два пати е чистен, а нашиот дел не е, изјави Миле Сибиновски од месната заедница.
Таму моментно живеат 45 луѓе. Единствено Борче Милошевски има теренско возило со кое едвај може да се помине низ патот со снег.
-Може да се помине само со тоа теренско возило кое на сите четири тркала треба да има ланци. Инаку нема шанси. А нема да може и тоа возило ако има еден метар снег. Досега не сме имале никаков проблем. Овој проблем настана во овие две-три недели. Зашто е настанат, не знаеме. Дали има нешто , дали има некој друг проблем, во врска со локални избори, што не сме му дале гласови на градоначалникот, не знам што да кажам. Тоа може да е, рече Сибиновски на средба со новинарите во Тетово.