Денес пред општина Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
-Додека градоначалникот Константин Георгиески дише чист воздух на Француските Алпи, граѓаните секојдневно сѐ повеќе и повеќе се гушат. Локалната власт на СДСМ секојдневно депонира градежен шут и ѓубре на локацијата Мауцкер, иако тоа е забрането. Зошто покрај забраната и спротивно на законите повторно и повторно се одлага ѓубре на Мауцкер? Ова ли се современите стандарди за одлагање отпад? Зошто распишавте тендери и потрошивте милиони, а сликата од Мауцкер го кажува спротивното? За жал вистината е дека останаа само лажните изјави дека наводно е отстрането ѓубрето, истакна таа.
Петкоска прашува: „Зошто Георгиески не бара одговорност од директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски за што ги потрошија парите за дислокација на отпадот“?
-Градоначалникот Георгиески и локалната власт создаваат проблеми наместо да вложат напори за изнаоѓање на Локација за депонирање на градежен шут и цврст отпад со што би се решил проблемот со дивите депонии во околината. Власта на СДСМ се однесува несериозно кон животната средина создавајќи депонија на Мауцкер и апсолутно не се грижи за зачувување на статусот на УНЕСКО. Локалната власт и градоначалникот Георгиески не можат да се справат ниту со депонијата Буково, исто како што не можат ни со дивоградбите. По 12 април нема да изостане одговорноста за сите непочитувања и прекршувања на законите!“ – истакна Петкоска.