Со изложба на слики од уметникот Мајкл Клос од Канада и настап на бендот „8balls“ синоќа во охридското село Трпејца почна 11. издание на „На зајдисонце“. Организатор на манифестацијата е здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“, со поддршка на Општина Охрид.
Советникот и претседател на Комисијата за одбележување празници и манифестации Перчо Божиноски во име на Локанлата самоуправа ги поздрави присутните со уверување дека и годинава културно-забавното лето во Трпејца ќе понуди сплет од креативна сценска програма, со уметнички, спортски и едукативни содржини, кои ќе привлечат многубројна публика.
– Престојот овде, во овој живописен амбиент на брегот на Охридското Езеро, што плени со најпрекрасните пејсажи кои природата секојдневно ги подарува, носи едно неописливо чувство на мир и хармонија. Секој момент поминат тука ни носи нова убавина и нова привилегја за неповторливо доживување, рече Божиновски.
Со сета своја уникатност, нагласи, оваа крајбрежна населба е своевидна атракција, која незапирливо го привлекува вниманието на гостите и туристите, а ваквите настани само ја надополнуваат и ја збогатуваат туристичката понуда.
На летната сцена вечер ќе настапат младите од Црвен крст-Охрид со поетско-музичкиот перформанс „Треба да бидеме подобри“.
Во наредните седум дена манифестацијата „На зајдисонце“ пред домашната и странска публика ќе прикаже културни, забавни и спортски содржини.