Општина Куманово почна со дистрибуција на решенија за комунална такса и за фирмарина.
Од Секторот за администрирање на приходи, стратешко планирање и локален економски развој во општината информираат дека на подрачјето на општината евидентирани се 3.972 субјекти кои треба да ја платат обврската за истакнување фирма на годишно ниво – 6.000 денари и 2.000 денари за секоја деловна единица.
– Одделението за администрирање на приходи работи и на ажурирање на базата на податоци преку информации од Централниот регистар за новорегистрираните фирми како и одјава на фирми кои веќе не постојат. Исто така, странките и сами реагираат доколку некоја фирма има промена во регистарот по кој било основ, изјави помошник раководителот на секторот Андријана Недељковски.
Почната е и дистрибуцијата на решенијата за наплата на данок на имот за правни лица за 2018 година. Решенијата ќе го доставуваат доставувачи од општината, а уплатата може да се врши директно во банките со приложување на решението.
– Ги повикуваме сите физички и правни лица на територија на Општина Куманово, сите промени во дел на имотна сотојба на недвижности да го пријават во архивата на Општина Куманово, со имотен лист и соодветна даночна пријава, рече Недељковски. (МИА)