сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Почнаа подготовките за штипската „Пастрамајлијада 2023“

Почнаа подготовките за штипската „Пастрамајлијада 2023“

Во тек се последните подготовки за годинешната „Штипска Пастрмалијада“. На сцената, која денеска се поставува кај Градскиот стадион во населбата Осми ноември, ќе настапат познати македонски и балкански имиња, кои ќе ги забавуваат штипјани, но и гостите од околните градови.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека градот е подготвен и повика на масовна присутност.

-Од денеска се вршат последните подготовки за одржување на познатата манифестација „Пастрмалијада, 2023“. Традицијата продолжува. Овој викенд Штип ќе биде центарот на Македонија. Очекуваме многу гости, добра забава, многу продадени и изедени пастрмалии. За сето ова што го нудиме, ќе се погрижат домашни и балкански ѕвезди коишто ќе настапат во петок и сабота. Оваа прилика ја користам да ги поканам и повикам сите наши сограѓани утревечер и во сабота вечер да се приклучат, да бидат дел од оваа манифестација, но и сите граѓани на Република Македонија коишто, се надевам, ќе го посетат Штип овој викенд и ќе бидат дел од оваа убава забава на која што ќе се промовира нашиот најпознат и највкусен бренд, штипската пастрмалија, рече Јорданов.

Гурманскиот специјалитет годинава ќе се продава по цена од 200 денари, со 250 грама тесто и 150 грама месо. Денеска се поставуваат триесетина штандови, на кои се очекуваат десетици илјади гости.

-Веќе се утврдени локациите и штандовите. Во комуникација со угостителите, имам информација дека очекуваат штандовите да бидат посетени и онака како што е редот да бидеме добри домаќини со највкусниот и најубавиот бренд, рече Јорданов.

Во петок на оваа манифестација ќе настапат Саша Ковачевиќ, Пајак и Лара. Додека, пак, во сабота Амадеус бенд, Љубојна и хрватската пејачка Даниела Мартиновиќ.

Паркингот во градот во петок и сабота ќе се наплаќа до 15 часот, а потоа ќе биде бесплатен на секоја паркинг-позиција.