Наскоро зонското паркирање во Тетово треба да биде со нови повисоки цени. Јавното претријатие „Градски паркинг“ доби согласност за поскапувањето со одлука на Советот на 28 декември. Остануваат уште некои административни процедури за во текот на јанаури да почне наплаќањето по повисоки цени.
Согласно новите цени, паркирањето ќе поскапи за десет денари и во Зона А наместо 30 ќе биде 40 денари за еден час, додека во Зона Б наместо 20 ќе изнесува 30 денари.
Целта на ваквата одлука, како што вели директорот на ЈП „Градски паркинг“, Игор Додевски, не е заработувачка, туку опстанок и нормално функционирање на претпријатието.
-Направена е измена и дополнување на ценовникот кој постои од 2015. Од тогаш се поминати седум години, а има промена и зголемени се цените на голем број ресурси за работа, меѓу кои и горивата. Овие цени се направени за да може нормално да функционира и да опстане претријатието, не да има некоја заработувачка, за да се санира претријатието и месечно да има доволно прилив и исто толку за расходи, изјави директорот на ЈП „Градски паркинг“, Игор Додевски.
Најголем предизвик на Додевски, откако е назначен за директор, му е, како што вели, да го намали долгот на претпријатието што изнесувал 236 илјади евра. Насоката е создавање и нови паркинг места што ќе значат дополнителен приход за исплаќање на долговите.
-Откако ја презедов фирмата на некој начин беше рестартирана, затоа што во декември со позајмица се исплати плата за октомври. Околу долгот се чека од градоначалникот околу понатамошна постпка. Согласно планот и програмата за 2022 година предвидени се создавање на нови 140 паркинг места за зонско паркирање. Дел од нив се на улица 120 и зградите околу зелениот пазар, улица Борис Кидрич и на други низ градот. Како ќе се собираат средства од тие нови паркинг места така ќе се сервисира и долгот, изјави Додевски.
Од 10 јануари граѓаните ќе можат да ги доставуваат барањата за добивање годишни карти за паркирање на паркинзите на претријатието или на дел од зонските места каде има таква можност
-Нови цени има и за годишните карти за станари. Во затворени паркинзи ќе изнесуваат 3000 денари, додека 4500 за жители со адреса на улици и булевари со зонско паркирање, вели Додевски.
Во насока на долготрајните решенија за паркинг за повеќе паркинг места претријатието и општината Додевски посочува дека се работи на измена на одредени детални урбанистички планови и градење на катни гаражи на паркингот кај зелениот пазар, кај судот и кај паркингот позади зградите на булеварот „Маршал Тито“и улица „Јане Сандански“.
Со одлука на општината, до почнување на учебната година дворовите на ОУ „Лирија“ и гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ се отворени за бесплатено паркирање.