Екипи од Територијалната противпожарна единица од Кочани се вклучија во акцијата за дезинфекција на влезовите и лифтовите во колективните објекти за живеење, како и во јавните институции.
Рачно се распрскува дезинфициенс со антисептичен раствор како дел од превентивните мерки против ширење на коронавирусот, а што ги донесе општинскиот Штаб за заштита и спасување.
– Нашите екипи во текот ан целиот ден се излезени на терен и со моторни пумпи се врши дезинфекција во станбените згради, но и во влезовите на јавните институции, банки, пошта и други објекти. Со ова активност ќе продолжиме и во наредните денови сè додека не добиеме поинакви упатства од Кризниот штаб, така што иако сме ограничени со персонал, успешно се справуваме и со интервенциите при пожари и слични ситуации, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев кој раководи со Штабот за заштита и спасување, на прес конференција рече дека во моментот мерката за самоизолација важи за 148 граѓани и во најголем дел таа се почитува.
Илијев информираше дека наредната седница на Советот на Општината ќе се одржи во услови што ги налага актуелната состојба. Притоа, ги повика граѓаните да користат проверени и потврдени информации, а на локалните медиуми им порача да продолжат да помагаат со одговорно и професионално известување.