понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Протест на кумановските пазарџии

Протест на кумановските пазарџии

Пазарџиите на Зелениот пазар од Куманово излегоа на протест и побараа да не се воведе лиценцата, посочувајќи дека не можат да опстанат со сегашните и најавените давачки.

Тие денеска ја блокираа едната сообраќајна лента од булеварот „Трета МУБ“ во Куманово.

Пазарџиите велат дека лиценците ќе чинат околу 60 евра, и се пожалија дека на годишно ниво за давачките даваат околу 1.100 евра што за нив е прескапо.

– Не можеме да извадиме закупот да го платиме, ниту осигурувањето, ниту паушалот, за лиценца не станува збор, вели Али Агушевски кој продава текстил.

Неговиот колега Садри Арифи додава дека и сегашните давачки се превисоки и едвај опстојуваат.

– Пазарот со години е опкружен со супермаркети, немаме паркинг, муштериите немаат каде да паркираат, секоја година се помал број на муштерии имаме, вели Арифи.

Елена Станојковска која продава овошје вели дека со најавените давачки се доведува во прашање нивниот опастанок. Рамадан Агушевски вели дека 50 години продава на пазарот и му е нејасно како надлежните бараат давачки, а не нудат услуги за продажба, паркинг, тоалети, затворен пазар. Наим Сулејмани, пак вели дека со воведувањето на лиценците, целта е да се уништи социјална ранливата категорија на граѓани кои најчесто продаваат на пазар.

– Имаме давачка зголемена за по 1000 денари, оваа година ни пристигнаа уплатници за секој месец оделно и плаќаме по 30 денари во банка, за што губиме и време и нерви. Сепак, мора да потенцираме дека овде е ранлива категорија граѓани. Тезгите се скапи по 50 евра, тоа се високи давачки, вели Марина Спасовска.

Кумановските пазарџии додаваат дека не им е јасно како можат судии, лекари да работат и по пензионирање, а да се забранува пензионер со скромни примања да продава на пазар. Тие се пожалија дека само им се бараат пари, а работат секој ден вклучително сабота и недела. Тезгаџиите велат дека поради несоодветните услови на пазарот, во зима мрзнат, а во лето вријат. Пазарџиите посочија дека ниту едно здружение не ги прашало дали сакаат да им се воведе лиценцата. Нивната прогноза е дека во наредните пет години ќе нема човек кој ќе купува на пазарот, додавајќи дека со години наназад со нерални давачки, системски се уништуваат пазарите.

Кумановските пазарџии најавија дека ќе продолжат со протестите.

МИА