Во Занаетчиски дом – Куманово, утре и задутре (среда и четврток) ќе се одржи работилница за филмска критика.
Работилниците се именувани како „Матрица”, а ќе бидат менторирани од Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска, во организација на „Аквариус” – Скопје и под слоганот „Се гледаме во матриксот”.
„Првиот ден активностите ќе се реализираат од 16 до 18.30 часот. Ќе биде проектиран филмскиот класик од 1955 година „Бунтовник без причина”, режиран од Николас Реј, со Џемс Дин и Натали Вуд во главни улоги. По проекцијата, меѓу учесниците ќе има дебата и разговор за значењето на филмската критика и критичката мисла, воопшто“, соопштуваат организаторите.
Во четврток работилницата ќе се одржи од 16 до 17 часот, а со очекува поголем број на присутни со поразвиена и надоградена дискусија, која ќе биде продолжение на работата од првиот ден.
Организаторите се надеваат дека работилниците ќе резултираат со филмски осврти и рецензии, кои ќе може да бидат објавени во печатени и онлајн медиуми.
Работилниците ќе ги водат новинарки и филмски критичарки со долгогодишно искуство.
Сунчица Уневска, како новинарка и филмска критичарка, работела во „Утрински весник” и „Кинопис”. Уредник е на месечникот „ФИЛМ+“, кој излегува секоја втора сабота во месецот како додаток на дневниот весник „Нова Македонија“. Авторка е и на книгите: „Седмиот печат“ (2015), „Македонска сага“ (2019), „Филмски великани 2020“ и „Дух во школка“ (2021). Таа е членка е на Меѓународната федерација на филмски критичари – FIPRESCI, и изминативе две декади постојано известува од европски и светски филмски фестивали.
Гена Теодосиевска како новинар и критичар работи од 1985 година и е, исто така, членка на FIPRESCI. Моментално, во втор последователен двегодишен мандат, го раководи Меѓународниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” – Битола.