среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Ристески: Наместо да се фрлаат милионски суми преку Фондот за иновации, веднаш да им се помогне на земјоделците погодени од невремето

Ристески: Наместо да се фрлаат милионски суми преку Фондот за иновации, веднаш да им се помогне на земјоделците погодени од невремето

Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, Петар Ристески изјави денеска дека локалната власт треба да ги сослуша барањата на жителите на Големо и Мало Коњари, Кадино село и околината, област која беше погодена од силно невреме.

Според него 100 отсто од културите кои биле засадени на 300 хектари површина сега се уништени.

-Земјоделието е основна дејност за овие жители, со кои ја прехрануваат својата фамилија, па така како резултат на ова силно невреме, истите трпат огромна штета, без можност чесно да го заработат своето парче леб. Токму затоа треба да се слушнат нивните барања и потреби, а тоа е дека им е неопходна помош за да преживеат, помош која би значела обештетување на овие земјоделци. И не е доволно само  комисијата за елементарни штети при Советот на Општина Прилеп да свика седница и да оформи комисија што ќе направи проценка за настанатата штета, туку да се изнајде начин преку општината и министерството за земјоделие, да се обештетат овие луѓе кои деновите ги минуваат во агонија и исчекување, истакна Ристески.

Потенцира дека преку Фондот за иновации и технолошки развој се фрлаат милионски суми за новоформирани претпријатија кои се блиски со СДСМ и оти наместо тоа, власта ќе мора да го реши проблемот на земјоделците.

-Сведоци сме дека преку фондот за иновации се фрлаат милионски суми за новоформирани претпријатија, фирми поврзани со најблиските луѓе од СДС, за некакви чудни проекти кои треба да се реализираат во иднина.  Ова не е никаков иден проект, ова е моментален проблем кој не смее да трпи одлагање, проблем кој не смее да останe нерешен, и токму затоа барам во најскоро време да им се помогне на земјоделците, рече Ристески.

Вели дека советничката група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата бара итно свикување на итна седница на Советот на општина Прилеп на која би присуствувал и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски со цел да се изнајде начин како да се обештетат земјоделците.