Ве известуваме дека денешниот прекин на водоснабдувањето во Македонски Брод и населените места кои се снабдуваат со вода од регионалниот водовод „Студенчица“ е поради решавање на еден повеќе децениски проблем, информираше преку Фејсбук објава градоначалникот на Македонски Брод, Жарко Ристески.
Тој појасни дека денес се изведуваат две активности за подобрување на водоснабдувањето: едната активност се спроведува на градскиот резервоар , каде се врши замена на 2 вентили Ф225 кои поради долгогодишното експлоатирање воопшто не беа во функција и втората активност е реконструкција на дел од потисниот цевковод Ф225 од ниската зона на градот Македонски Брод, кој поминува преку мостот на реката Треска.
– Со решавањето на овој повеќегодишен проблем се обезбедува квалитетно, континуирано и безбедно водоснабдување на Македонски Брод и населените места кои се приклучени на регионалниот водовод „Студенчица“. Во Македонски Брод се работи, Македонски Брод оди напред, Македонски Брод се променува, додава Ристески.