И покрај наследените големи долгови на Општина Могила, како и блокираните сметки на неколку основни училишта, со добро менаџирање и напорна работа изминатава година реализирани се голем број на капитални проекти за подобрување на животот на жителите на оваа општина.
Како што информираше на средбата на градоначалници од Пелагонискиот регион градоначалникот на Могила Драганчо Саботковски, и покрај отежнатите околности предизвикани од големите долгови и светската економска и енергетска криза, во текот на 2022 година долгот на општината е преполовен, а реализирани се повеќе од 50 проценти од ветените проекти во изборната програма.
– Изминатава година реализиравме низа проекти, од кои би ги одвоил почетокот на инфраструктурното уредување на индустриската зона „Петилеп“ која за првпат по десетина години од отворањето доби водовод, во завршна фаза е реконструкцијата на улицата „Широка“ која се простира од центарот до излезот на село Могила. Годинава тампонирани и асфалтирани се околу 6.5 километри пристапни патишта во сите населени места, а во однос на социјалната заштита за првпат за првачињата доделивме парични средства во висина од 3000 денари и комплетен училишен прибор – кажа градоначалникот Саботковски.
Како главни проекти кои ќе се реализираат во Општина Могила во наредната 2023 година, градоначалникот Саботковски наведе повеќе инфраструктурни проекти.
– За наредната година со Пелагонискиот плански регион потпишавме договор за асфалтирање на 3 улици во Српци, Беранци и Могила, а ќе започне и изградбата на првата градинка во Општина Могила, со капацитет за 40 деца. Дополнително, наредната година ќе започне и изградбата на главниот водоводен цевковод кон селата Српци, Беранци, Трновци, Лознани, Врањевци, што претставува капитална инвестиција во вредност од околу 28 милиони денари – додаде Саботковски.
Регионалната средба на општините од Пелагонискиот регион се одржа во Битола и истата беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт, Комисијата за енергетика и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.