Градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски преку статус на Фејсбук пишува дека во општината е потпишан договор за изградба на градинка.
-Денес на мое огромно задоволство ве информирам дека потпишав договор за изградба на првата градинка во општина Могила, значаен проект за жителите на општина Могила.
Договорот за соработка и договорот за групна набавка на градежни работи го потпишавме со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска за изградба и опрема на детска градинка со капацитет од 40 деца, во вкупен износ од 12.819.667,59 денари.
Детската градинка ќе се гради во училишниот двор на ОУ „ Гоце Делчев “ – Могила.
Апликацијата е заведена од 28.02.2022 за финансирање на проект доставен од страна на Општина Могила до Министерството за труд и социјална политика со прилог документација и Основен проект за Изградба на детска градинка.
Постапката за јавна набавка ќе ја спроведе Министерството за труд и социјална политика. Предвидениот рок за изведба на градежни работи од предмер пресметката изнесува 14 месеци сметајќи од денот определен за вовед во работа на Изведувачот, а предвидениот рок за набавка, испорака и монтажа на опрема изнесува не повеќе од 1 месец, по завршувањето на градежниот дел.
Општината се обврзува да ги обезбеди сите потребни услови за пуштање и непречено функционирење на објектот, како и да обезбеди траен приклучок за електрична енергија, водовод, канализација и греење пред технички прием на објектот, стои во неговиот пост на Фејсбук.