сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Саем на органска храна во струшко

Саем на органска храна во струшко

Земјоделци, пчелари и туристички работници од руралните средини во струшко ги претставија своите производи во Вевчани на саемот за органска храна „Органско на нива, традиционално на трпеза“. Саемот е дел од проектот „Органска фарма – Рурална кохезија за зголемен потенцијал на руралниот туризам и одржлив економски рурален развој”, имплементиран од здружение Креативен центар „Рурбанкулт-Струга“ и Здружение на пчелари „Матица 2012“.

Саемот, како што истакна координаторката на проектот Зора Кленкоска, го промовираше локалното органско производство на здрава храна и нејзината понуда како традиционален рурален туристички производ, односно фармерскиот туризам, кој автентично го доловува или исполнува пакетот туристички услуги во руралната средина.

– Акцентот се става на стимулирање на развојот и зголемувањето на земјоделското производството на локалната здрава храна и нејзина примена во функција на руралната туристичка понуда. Настанот ја презентираше кохезијата на формите на рурални дејности, кои најчесто се одвиваат како интегрирани активности и можноста со нивното поврзување во географски подрачја да претставува потенцијално остварување на приходи, посочи Кленкоска.

Крајната цел, додаде, е поврзување на  чинителите на руралните средини и нивна меѓусебна соработка од заеднички интерес, интегрирано дејствување во бизнис сферата, зголемување на сопствените приходи, а со тоа зголемување и на економскиот одржлив развој на руралните заедници.

За производството, доработка и преработка на органска храна говореше Горан Колев, земјоделски инжињер, експерт за органска храна со сертификат од сертификационото тело на ПРО ЦЕРТ.

Настанот, каде покрја посетители од Струга и струшко имаше и гости од дебарско, охридско и кавадаречко заврши со дегустација на вкусните традиционални специјалитети  од локална органска храна,подготвени од локалните угостителски мајстори.

Проектот  „Органска фарма – Рурална кохезија за зголемен потенцијал на руралниот туризам и одржлив економски рурален развој”,  е поддржан во рамки на програмата за мали грантови на проектот „Национален рурален парламент како глас на руралното население“, спроведуван од ЦНВП, МРР на РМ и АкРРа, финансиран од Европска унија.

МИА