Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски ги посети енергетски ефикасните згради кои се реализираа преку проектот „Енергетски ефикасни домови“.
-Една од заложбите на општина Битола со моето доаѓање како градоначалник е зголемената енергетска ефикасност и заштитата на животната средина. Паралелно, енергетската криза наметна и нови услови на размислување во однос на заштеда на електричната енергија.
Оттука, за прв пат, општина Битола спроведе субвенционирање и поддршка преку проектот „Енергетски ефикасни домови“ за колективните згради во 2022 година, постари од 30 години, со реновирање на надворешните фасади на зградите и овозможување зголемена енергетска ефикасност на жителите на станбените објекти.
Средствата превидени за оваа намена беа во висина од 3.000.000 денари, согласно Програмата за заштита на животната средина на Општина Битола за 2022 година.
Субвенционирањето се реализираше во висина од 30%, но не повеќе од 750.000,00 денари од вкупниот износ на вредноста на инвестицијата за секоја одобрена апликација. По првиот објавен повик, субвенционирани беа 4 колективни згради, една на ул. Кочани и три во населбата Карпош.
И годинава, повторно како и минатата година, од Програмата за заштита на животната средина на Општина Битола за 2023 година се предвидени нови 3.000.000 денари, за субвенционирање на колективните згради, во рамките на проектот „Енергетски ефикасни домови“. Повикот ќе биде наскоро објавен и се очекува граѓаните да ја искористат и оваа мерка со цел да постигнат поголема енергетска ефикасност, а со тоа и заштеда на електричната енергија, како и заштита на животната средина, посочи градоначалникот Коњановски.