Изминува и петтиот ден откако снежно невреме го зафати регионот на Кичево и кичевијата а сè уште не се целосно проодни патиштата до селата во Рабетинска Река, дел Беличка река и Копачијата.
Покрај проблемот со патиштата, жителите на село Малкоец сè уште немаат електрично напојување, додека останатите села кои пред 3-4 дена ги имаа истите проблеми добија електрична струја.
– Поради поништена тендерска постапка за избор на најповолен понудувач, кој ќе врши зимско одржување на патиштата во јужната регија од општина Кичево, до повеќе селски населби во овој регион сè уште не сецелосно исчистени патиштата и прашање е на време кога истите ќе бидат оспособени за сообраќај рече Дашмире Адеми од ДЗС ПО Кичево и ги наведе селата до кои сè уште не се проодни патиштата.
– Проблеми со проодноста на патиштата има до селата Лавчани, Душогубица Кленоец, Малкоец, Иванчишта, Видрани, Патеец, Козичино, Рабетино и Дупјани. Од селата кои во претходниот период поради искинати електроводови и паднати бандери немаа електрична струја, сè уште без електрично напојување е село Малкоец. Екипи на ЕВН се наоѓаат на терен и се очекува наскоро и оваа селска населба во близина на превојот Пресека, да добие електрично напојување и овој проблем да биде симнат од дневен ред-додаде Адеми.